Недостиг на анестезиолози во охридско-струшкиот регион

Покрај педијатри и уролози, во охридско-струшкиот регион недостигаат и анестезиолози. Главната причина за недостигот на специјалисти во целиот регион и државата се платите на лекарите. Голем дел од нив после специјализација заминуваат во странство.

 |   | 

Недостигаат анестезиолози во охридско-струшкиот регион. Во Струга има само тројца анестезиолози, кои се оптоварени со работа. Речиси секојдневно имаат дежурства или приправност.

Само лани во време на пандемија анестезиолозите во струшката болница направиле 1 200 оперативни зафати. Или во просек по три до четири операции дневно.

Бројот на анестезиолози во нашата болница е енормно мал. Ние сме само тројца анестезиолози, но со голема пожртвуваност, со голема љубов во работата успеваме да одговориме на сите предизвици. Само еден податок да кажам во текот на ланската година во ек на пандемија хируршкото одделение со својот доста мал капацитет успеа да направи 720 елективни операции плус горе на гинекологија имавме околу 400 царски резови и оперативни зафати и дополнително 200 помали интервенции на гинекологија. Се заедно доаѓа околу 1200 оперативни зафати, големи операции во текот на минатата година – вели д-р Аце Велјаноски анестезиолог во Општа болница Струга.

Главната причина за недостигот на специјалисти во целиот регион и државата се платите на лекарите. Анестезилогијата е особено одговорна и стресна што е допонителна причина за помал интерес за специјализација. Двајца анестезиолози од Струга кои завршија специјализација, заминаа во странство.

Причината е едноставна, финансискиот момент. Новите лекари специјалисти многу често наоѓаат работа во западните земји и се одлучуваат на таков чекор. Мора подобрување на платежната моќ на лекарите, не зборувам само за анестезија туку општо. Мора платите да соодејствуваат со работата и со одговорноста која што ја имаме ние во секој момент – вели Велјаноски.

Во Охрид има само четворица анестезиолози кои дежураат и во Општата болница и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо. Тројца лекари од Струга моментално се на специјализација за анестезиологија, со нивното завршување се очекува да се надополни недостигот на кадар.

 

Новинар : Соња Рилковска

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top