Охридските советници ги изгласаа измените на годишниот план за вработување на Општина Охрид за 2022 година. Со одлуката се предвидуваат нови 10 вработувања за кои опозицијата побара да се пополнат со унапредување на лица од постојните вработени во администрацијата. Секретарот на Општината со објаснување дека најголем дел од позицииите мора да се предвидат поради пензионирање на службеници и дека сите вработувања во планот не значи и дека ќе се реализираат. На денешната седница беа донесени 30-тина одлуки за вклопување бесправно изградени објекти, а беше и констатирана оставка на еден член на советот.
Советот на Општина Охрид ја одржа седмата седница со 46 точки на дневен ред од кои повеќе од половината се однесуваа на урбанистичката сфера односно легализации на дивоградби и усогласување на намената на земјиштето. На седницата која траеше час и половина поголема дискусија предизвика годишниот план за вработување во општинската администраицја за 2022 година. Опозициските советници со забелешки за новата локална власт дека предвидува нови вработувања во општината нешто што остро го критикуваа додека беа опозиција. Со оглед на критиките за превработеност во администрацијата и финансиската состојба на општината, советниците од опозицијата очекувале во новиот годишен план да има повеќе унапредувања на постојните вработени, а помалку нови вработувања.
6 вработувања веќе имате од планот за вработувања во 2021 год. Ако претпоставиме дека и овие 10 вработувања ќе бидат реализирани значи уште не цел мандат новата власт ќе има 16 нови вработувања во општина. Без оглед кој е на власт, а кој е опозиција време е да почнеме да размислуваме разумно и доколку постои можност овие 10 вработувања коишто ги планирате најдете ги од редот на веќе вработените – истакна Живка Ангелоска, советник од СДСМ.
Добро ќе беше ако само оние неопходни работни места во ТППЕ се пополнеа. Меѓутоа имаме 10 нови вработувања, кои добро ќе беше да се пополнат од редот на веќе вработените во локалната самоуправа или со преземање на вработени од јавните претпријатија каде има превработеност, во кој случај ќе држат место објаснувањата за рационализација на работни места – рече советникот од ВМРО НП, Ванчо Костоски.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески посочи дека поголем дел од вработувањата се поради пензионирање на службеници. Според објаснувањето на Китески од 10 предвидени вработувања, нови се само предвидените за позиции Советник за данок, Преведувач во Одделението за протокол, Раководител на одделение за јавни набавки и Раководител на Одделение за односи со јавност.
Во однос на тоа дали ќе бидат реализирани 10 вработувања, со оглед на тоа дека ова сепак е план, за да се уверите дека нема да бидат толку ќе мора да почекаме да заврши годината па кога ќе го носиме следниот годишен план ќе се види колку вработувања се реализирани. И јас како секретар повеќе сум за опцијата со унапредување на постојни административни службеници кои со години седат на некои ниски позиции, а и тоа како си ја вршат добро својата работа – потенцираше Александар Китески, секретар на општина Охрид.
На денешната седница, беше усвоена одлуката за спроведување мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги, беа разрешени старите и именувани нови членови во повеќе училишни одбори, а беа донесени и повеќе одлуки за вклопување во планска документација на бесправно изградени објекти односно легализации. На денешната седница, беше констатирана оставката на советникот Димитар Велјаноски. Во Советот, испразнетото место од листата предложена од граѓани позната како „Охрид пред се“ која во новиот состав коалицира со владејачкото мнозинство, ќе го пополни Леона Кичеец.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град