Жените сопственички на бизниси се вмрежуваат преку Националната платформа за женско претприемништво за подобрување на бизнис климата за развој на нивните фирми. За искористување на претприемачкиот потенцијал на жените потребна е соработка со локалните власти и стратегија на ниво на државата. Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, неодамна потпиша декларација за соработка со оваа платформа.
Три мали бизниси од Охрид во сопственост на жени, за филигранство, изработка на дизајнерски накит и рачни изработки од бакар добиваат помош преку обуки за унапредување на работењето преку дигитализација, воведување онлајн продажба и маркетинг. Менторската програма е во рамки на проектот „Мерки за зајакнување на женските бизниси по Ковид-19“ што го спроведува Центарот за управување со промени. Целта е да им се помогне на женските бизниси во онлајн трговијата во услови на пандемија кога се соочуваат со намалување на продажбата. Сузана Наумоска од Охрид, која 30 години води успешен бизнис, на работилниците организирани во рамки на проектот ги сподели со жените своите искуства за значењето на дигитализирани процеси за растот и развојот на фирмите.
Јас бев поканета како мотиватор. Им кажав на жените практично што значи, од првата Златна книга, од првата Веб страна која ја направив кога се’ уште немаше доволно свесност за значењето на дигитализацијата во мојата професија до денес кога преку google inside и социјалните мрежи не постои странец којшто не може да не пронајде. Го кажав бенефитот од дигитализацијата кој денес е голем за мојот бизнис. Но, во самиот мој развој јас се судрив со многу потешкотии, но денес на жените претприемачи им е пласирано со помош, финансиска и во форма на едукација, тие да можат да бидат присутни на социјалните мрежи – вели Наумоска.
Наумоска е и координаторка на Хабот од Југозападниот плански регион на Националната платформа за женско претприемништво чија цел е поддршка на компаниите во сопственост на жени кои сеуште се неискористен економски потенцијал во државава.
Жените, за жал, се претежно застапени само во услужните сектори, но сакаме жените да ги има повеќе на јавни функции и администрација и во поголеми бизниси. Сега претежно се во микро бизниси, фирми со од 1 до 10 вработени, но полека се појавуваат на пазарот жени претприемачи со фирми со 20, со 50 вработени, со фабрики од по 200 вработени. Тука сакаме да ја зајакнеме жената да води малку поголеми бизниси – објаснува Наумоска.
За да се охрабрат жените да отворат бизнис пред се потребно е да се подигне свесноста за нивниот потенцијал и да се надминат стереотипите, а потоа неопходна е поддршката од семејството и пошироката заедница, вели Наумоска. Посочува дека токму тоа е мисијата на Националната платформа за женско претприемништво, да се обезбедат услуги за жените претприемачи, со цел економско зајакнување на нивните бизнис преку соработка со локалните власти.
Голема благодарност до Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, којшто ја потпиша декларацијата за соработка. Изработен е стратешки документ за женско претприемништво на национално ниво и се надеваме дека сите и локално ќе прифатиме вакво економско јакнење и поддршка на жената – додава Наумоска.
Националната платформа за женско претприемништво е проект кофинансиран од Европската Унија, а се спроведува од Здружение на бизнис жени во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Национална федерација на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град