Општина Охрид и Jавните претпријатија информациите од нивното работење кои се од интерес на јавноста ги пласирале до граѓаните преку 23 медиуми. Блиску 300 000 еур е сумата исплатена од 2018 год до декември 2021 год кон медиуми.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков мандатот го започна со објавување на фрапантни податоци за задолженоста на Општина Охрид. Осврнувајќи се подетално на финансиската состојба, која ја наследил од претходната власт, таксативно ги наведе и долговите на јавните претпријатија. Градоначалникот притоа посочи дека не се за занемарување средствата кои се исплаќале на невладини организации и медиуми. Претходно, Градоначалникот таквите трансфери ги потенцира и при гостување во емисијата Прашалник на ТВМ.
За колкави трансфери и кон кои медиуми станува збор, според Законот за пристап до информации од јавен карактер, ТВМ побара информација од локалната самоуправа и сите јавни претпријатија колку средства и на кои медиуми се исплатени во последните 4 години, односно во време на претходната локална власт.
Според добиените податоците од општината и јавните претпријатија, во периодот од 2018-та заклучно со 2021-ва година, вкупно кон медиуми исплатени се близу 12 милиони денари, односно близу 299.000,00 евра.
Општината и јавните претпријатија информациите од нивното работење кои се од интерес на јавноста ги пласирале до граѓаните преку 23 медиуми.
Од сите правни субјекти сопственици на медиуми според сумите кои ги добиле отскокнуваат:
• Ohridsky.com ( СОС Балканмедиа, СОС Блакника, Балкан Медиа СКАЈ ДООЕЛ) со 4.244.406 денари
• ohrid1.com (Мегастар продукција ДООЕЛ, ЛТ Трејд ДОО) – 3.104.606,00 денари
• tvm.mk и ТелевизијаТВМ (Портал ТВМ ДООЕЛ, ТРД ТВМ) – 3.103.400,00 денари
• ohridvest.com (Фото и видео продукција Б7) – 1.718.765,00 денари
• ohridnews.com (НИМО ДОО) – 1.325.000,00 денари
Од нив, само tvm.mk содржините ги објавува на македонски домеин .mk. Објавувањето на соддржини на домеин .com остава простор за избегнување на одговорност за клевета и непрофесионално работење, согласно македонската легислатива.
299.000,00 еур е сума исплатена заклучно со декември 2021 год, но не е конечна. Истата ќе се зголеми затоа што има важечки договори кои ги склучила претходната власт, а по кои ќе следуваат исплати. Така на пример, ЈП Градски пазар има договор со СОС БАЛКАНМЕДИА, односно со ohridsky.com, до 2023та одина, кој во месец мај 2020тата тогашната директорка Кристина Крлеска го склучила на период од 3 години. Која била причината, во период во кој поради ковид пандемијата локаланата самоуправа од медиумите бараше да ги намалат сумите на постоечките договори и да стопираат со достава на фактури, поранешната директорка на Градски пазар да склучи повеќегодишен договор што воопшто не е практика на јавните претпријатија ниту во нормални услови на функционирање? Во краток телефонски разговор, Крлеска со одговор дека ја донела одлукат како што налагале потребите во моментот.
Во нареднов период, ТВМ ќе побара од сите ЈП во Охрид, како и од Локалната самоуправа, информација за постоење на договори кои имаат важност и после декември 2021, потпишани од претходната власт.
И.А.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град