Во Вевчани отворен мултикултурен центар

Свечено отворен мултикултурниот центар во Вевчани. Во рамките на одбележувањето на Свети Василиј беше претставена изложба на уметнички слики од Аница Ќитаноска, Никола Угриноски и Владимир Младеноски.

 |   | 

Со богата културно-уметничка програма денес точно напладне свечено беше отворен мултикултурниот центар во Вевчани. Некогашната стара училишна зграда која се распаѓаше денес современ грандиозен центар, кој го носи името Коста Србакоски, иницијаторот, идеологот и водачот на борбата за демократија и слобода на Вевчани.

Коста Србакоски е една од маркантните личности во најновата македонска историја, кој со своите напредни идеи е главниот автор на најновото поглавје за митот за вевчанската пркос и борбен дух.

Оваа институција е производ на една длабока визија, на Вевчани да му се подари место во кое ќе пулсира оптимизмот, напредокот и развојот на нашата заедница. Истовремено, оваа институција е производ и на силната и длабоко човечка потреба оваа заедница искрено да му се заблагодари и да му се оддолжи на КОСТА СРБАКОСКИ – БЕЗ СОМНЕНИЕ – НАЈВАЖНАТА ЛИЧНОСТ ВО НАШАТА НАЈНОВА ВЕВЧАНСКА ИСТОРИЈА! Овие две премиси денес се отелотворуваат како вистина и како чест за да сведочат засекогаш дека нема ништо посвето и не постои ништо позначајно од добрата мисла и од личната храброст да се даде сé за иднината, за просперитетот и за развојот на оваа грутка македонска земја која нé родила и во која живееме – рече градоначалникот Спасе Кочоски.

Мултикултурниот центар е објект со корисна површина од 1400 м2. Во него се веќе опремени големата конгресна сала, повеќе сали за семинари, музејски простории, просторија со опреми за функционално уредување на мултимедијален туристички центар.

Сé на сé, станува збор за еден, во вистинска смисла модерен објект кој во себе ги задржал архитектонските обележја за да биде споменик на неговите градители, но истовремено има добиено и нова функција, соодветно на новите потреби. Меѓутоа, овој простор ќе ја добие својата вистинска смисла и значење само тогаш кога во целост ќе пулсираат сите негови содржини. Свесни за тој факт, како нова општинска администрација, уште од првиот ден, воспоставивме контакти со амбасади на големи и важни држави. Дел од нив ќе бидат наши гости за време на деновите од карневалот и ќе имаат можност одблизу да се запознаат со капацитетите на „Мултикултурниот центар Коста Србакоски”. Заеднички интензивно работиме за да креираме содржини кои ќе му дадат вистинска смисла и важност на овој објект. Имаме големи планови и веруваме дека ќе успееме – рече Кочоски.

Во рамките на чествувањата на Свети Василиј во мултукултурниот центар денес имаше изложба на уметнички слики од Аница Ќитаноска, Никола Угриноски и Владимир Младеноски. Прославата продолжува вечерва со концерт на ДЈ Фејс и Жаре Бербер, а утре после пладне долгоочекуваната карневалска поворка.

 

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top