ОУ „Григор Прличев“ Охрид доби сензорна градина, прва во државава

Првата сензорна градина во државава која им помага на учениците со попреченост во совладување на наставните содржини денеска беше промовирана во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид. Ова уредено катче е донација од ХАЛК банка во проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, поддржан од Европската Унија, а со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“.

 |   | 

ОУ „Григор Прличев“ во Охрид ја доби првата сензорна градина во Југозападниот регион, но и прва од ваков тип во државава. Градината ја сочинуваат содржини за поттикнување на вештините на учениците и унапредување на учењето преку соодветна стимулација на сетилата. Сензорната градина е донација од ХАЛК банка во рамки на нејзината соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“ во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ поддржан од ЕУ.

Оваа сензорна градина која е прва не само во проектот, туку и во државава има повеќе функции, од општо дидактичко – поттикнувачки елементи, меѓутоа најмногу насочени кон ученици со интелектуална попреченост на коишто им е потребна и социјализација и многу поголема конкретизација во процесот на нивното учење. Во соработка со училиштето ние направивме неколку катчиња кои и ги стимулираат сетилата, но овозможуваат и најразлични конкретни искуства без кои учениците со попреченост не можат да ја совладаат наставната програма – истакна Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“.

За ХАЛК банка претставува чест и задоволство учеството во вакви проекти за секое дете да може да добие квалитетно образование.

Една убава детска насмевка е многу поважна од профитот кој го правиме. Им благодариме на Фондацијата „Чекор по чекор“ за заедничките проекти кои ги имаме затоа што прават работа која е многу макотрпна, но многу значајна за заедницата. Посебна вредност е да бидеме поддршка на децата кои имаат посебна потреба од грижа – вели Билал Суџубаши, генерален директор на ХАЛК банка.

Нашето училиште од поодамна ги урна бариерите и води политика на инклузивност со еднакви можности за образование на децата. Горди сме што сме прво училиште и Охрид првата општина со ваква градина и горди сме што нашите напори во создавањето стимулативна средина за учење се препознаени.

Во сите класови во нашето училиште имаме ученици кои се со одредена попреченост и за кои целокупниот колектив во училиштето работиме за доброто на тие дечиња односно совладување на наставните програми на начин соодветен за нив. Оваа сензорна градина за нас претставува поттик и олеснување затоа што ќе имаме нови алатки и модели за работа со тие дечиња , ќе се усовршува и наставниот кадар , ќе имаме поиновативен пристап во наставата за работа со ученици со попреченост што ќе го потврди мотото на ова училиште дека секогаш единствено за децата се работи – изјави Ивана Маховска Шикалоска, директор на ОУ „Григор Прличев“.

Оваа сензорна градина во Основното училиште „Григор Прличев“ во кое се образуваат повеќе од 1000 ученици е од огромна важност и за Општина Охрид.

Сензорните градини се новитет во нашата држава и затоа се радуваме што ОУ „Григор Прличев“ е првото училиште кое ќе има вакво опремено катче. Упатувам голема благодарност до креаторите и поддржувачите на овој проект со надеж дека и во иднина ќе имаме можност за заедничка соработка. Овој проект нека биде поттик и нека служи како добар пример за останатите општествено одговорни компании да се вклучат и да дадат придонес во активности кои се од големо значење за заедницата. Водена од политиките за подобрување на образованието Општина Охрид ќе биде секогаш подготвена за соработка и поддршка на вакви проекти – рече Кирил Пецаков, Градоначалник на Општина Охрид.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија и со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“, 15 месеци успешно работи во насока на суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта. По сензорната градина во Охрид, до крајот на календарската 2021 предвидено е да се промовираат уште две инклузивни катчиња во нашата земја.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top