Долгот на Општина Охрид изнесува околу 857 милиони денари или 14 милиони евра. Во 2019 година со финансиска помош на Владата за раздолжување на општината тој беше намален на околу 530 милони денари, а во физибилити студијата која ја усвоија градските советници и дадоа зелено светло за конечно раздолжување преку земање кредит долгот изнесуваше 296 милиони денари. Градоначалникот Кирил Пецаков, на прес-конференција информира дека само во текот на предзиборниот период, пред почетокот и во текот на кампањата долгот на Општина Охрид нараснал за повеќе од осум милиони евра. Комулативно долгот на општината и сите општински јавни претпријатија изнесува околу 22 милиони евра.
Долгот на Општина Охрид во моментов изнесува 856 831 830 денари, обелодени денеска на прес конференција Градоначалникот Кирил Пецаков. Тој со жалење констатира дека она што претходно беше пласирано во јавноста за тоа во каква финансиска состојба се наоѓа општината ни приближно не соодветствува со реалната состојба. Имено, по финансиската помош на Владата за раздолжување на Општина Охрид долгот изнесувал 530 милиони денари, а согласно физибилити студијата од 5 јули годинава, која беше презентирана пред советниците во Советот на Општина Охрид со цел носење одлука за земање долгорочен кредит за конечно раздолжување, вкупниот долг на општината по сите основи изнесувал 296 милиони денари. Од тој момент до 8-ми ноември долгот се зголемил за фрапантни 494 милиони денари.
Тоа значи дека во самиот предизборен период односно пред почетокот на изборната кампања и во текот на истата долгот на Општина Охрид пораснал за феноменални нешто повеќе од 8 мил евра. Сето тоа е првенствено резултат на недомаќинско работење, предимензионирање на буџетот, одвојување големи суми за времени вработувања, трансфери кон невладини организации и медиуми. Само во последните две ставки трансферите од претходната до оваа година се разликуваат за дополнителни 250 илјади евра – истакна Пецаков.
По основ на обврски од склучени договори општината должи 66,5 милиони денари, околу 1 мил евра треба да се платат за договори кои се реализирале, делумно се реализирале или воопшто не е почнато со нивна реализација, посочи градоначалникот. Слична е состојбата и во општинските јавни претпријатија, каде се наталожени догови по најразлични основи. Според бројките кои ги изнесе Пецаков, „лидер“ во задолжување е ЈП „Водовод“ со 309 милиони денари долг, од кои 244 милиони кон новоформираното ЈП „Колектор“. Следуваат ЈП „Билјанини извори“, со долг од 78 милиони денари, потоа „Охридски комуналец“ со 60 милиони денари, па „Нискоградба“ со 46,6 милиони денари, „Градски пазар“ до 2,4 милиони денари и „Градски гробишта“ со милион денари.
Вкупно сите претпријатија должат околу 500 мил. денари или околу 8 милиони евра. Во 2017 год по промената на локалната власт и директорите на ЈП сите општински претпријатија беа во добра кондиција со плус средства на нивните сметки. Кумулативно долгот на општинските ЈП заедно со долгот на општината изнесува 1 354 432 649 денари или околу 22 мил евра – додаде Пецаков.
Градоначалникот истакна дека новата Локална власт ќе гради транспарентен однос со јавноста без, како што рече, ниту една тајна информација за тоа како се трошат парите на граѓаните.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град