ГРК Охрид утре го пречекува тимот на Радовиш

Градскиот ракометен клуб Охрид утре пред нов предизвик. Во спортската сала Билјанини извори доаѓа екипата на Радовиш која никогаш нема победено во Охрид. Оваа традиција треба да продолжи само доколку не се потцени противникот, изјавуваат ракометарите.

 |   | 

Серијата на полесни натпревари охридските Гладијатори ја продолжуваат против ракометниот клуб Радовиш, кој во досегашното првенство по 14 кола има забележано само една победа. Фаворитската улога е неспорна, анализира пивотменот Филип Грубор кој се навраќа на текот од првиот дуел на овие две екипи.

Првиот натпревар кој го игравме на гости со Радовиш беше тежок во првото полувреме бидејќи имавме многу промашени зицери.Иако првото полувреме заврши во наша корист со 3 гола разлика, многу се намачивме. Во второто полувреме одигравме како што треба и победивме со 7 голови разлика. Утрешниот натпревар мислам дека ќе биде сличен на овој и ако го дадеме својот максимум, ако се потрудиме од првата до последната минута ќе биде лесен натпревар – изјави за ТВМ, Грубор.

Грубор е задоволен од условите, екипата и стручниот штаб на Охрид. Тој напорно тренира, максимално се труди и посакува секој натпревар да го започне од првата минута. На неговата позиција покрај Тасески игра и младиот Димитриески кој во најголемиот успех на охридскиот клуб, вицешампионската титула во младинска категорија, беше избран во идеалната седморка. Иако во матичниот клуб има лимитирана минутажа, тој е оптимист дека може да се успее и во Охрид, а не само во клубовите кои доаѓаат од Скопје и Битола.

Јас мислам дека и во Охрид може да се покаже тоа што го знаеш. Секоја шанса на терен мора да ја искористиш, да се прикажеш во најдобро светло и мислам не само во Скопје, може да се успее и тука – изјави Кристијан Димитриески.

На натпреварот ГРК Охрид – РК Радовиш, поради повреди, ќе ги нема младите охриѓани Иваноски и Ристески кои на вакви натпревари имаат значајна улога во екипата. Сепак нивното отсуство ќе отвори простор за останатите млади играчи кои ќе бидат охрабрени од верната охридска публика предводени од навивачката група Рибари. Натпреварот е закажан за утре, среда со почеток во 18.00 часот во СРЦ Билјанини Извори.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top