Наградата Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид за 2021 година во рацете на академик Љупчо Коцарев. Комисијата за одбележување празници и доделување награди и признанија годинава додели три повелби. Светиклиментова повелба годинава се доделува на Гордана Лолеска, Здружението ЕКО ФАП и постхумно на Мишо Јузмески.
Академик Љупчо Коцарев е добитник на највисокото општинско признание Св. Климентовата награда – Патрон на Градот за 2021 година. Стручна комисија од пристигнатите номинации едногласно доставиле предлог до Градоначалникот на Охрид наградата да му припадне на ценетиот Проф. Др. Коцарев кој бил предложен и поддржан од видни и истакнати доктори на науки, професори, уметници, писатели и истакнати охриѓани.
Што може да се каже за оваа авангардна личност освен дека е нашиот најпознат и најпризнат интелектуалец, еден од најцитираните автори, професори, научници. Човек кој многу одамна застанал во одбрана на интересите на Македонија. Неговиот импозантен лик и дело не прават среќни и горди сите нас – кажа градоначалникот на Охрид ,Кирил Пецаков.
Академик Љупчо Коцарев е по потекло од Охрид. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје, магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природноматематичкиот факултет во Скопје. Неговата богата наставно – научна дејност почнува на Електротехничкиот факултет во Скопје, продолжува на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего во САД, а студиски престои остварува во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија.
Неговите публикации се цитирани илјадници пати. Неговиот научен интерес е во областите на физиката, техничките и компјутерските науки. Фасцинира бројот на публикации во списанија со фактор на влијание, едитор е на 6 книги и автор на шест патенти одобрени во САД и Европа. Академик Коцарев е член на МАНУ од 2007 год, а во ноември 2019 е избран за претседател на МАНУ. Престижниот Универзитет Стенфорд го сврстил во листата на најдобри научници на сите времиња од сите области, вели градоначалникот Пецаков.
Повелба „Св Климент Охридски – Патрон на Охрид“ годинава се доделува на Гордана Лолеска, Здружението ЕКО ФАП и постхумно на Мишо Јузмески, едногласно одлучи Комисијата за одбележување празници и доделување награди и признанија.
Повелба Патрон на градот –Св Климент Охридски за 2021 год да им биде доделена на Мишо Јузмески постхумно, писател, фотограф, културен и туристички работник, научен истражувач, публицист и полиглот. Гордана Лолеска, голем борец и хуманитарец во поддршка во борбата на пациентите со ретки болести, но и за лицата со хронични болести. ЕКО ФАП, доброволно еколошко и хуманитарно здружение. Нивните остварувања и достигнувања се за почит и се од посебен придонес во развојот, напредокот и афирмацијата на Општина Охрид како во Македонија, така и во светот – информираше Перчо Божиновски, претседател на Комисија за одбележување празници и доделување награди и признанија.
Светиклиментовата награда и повелбите ќе бидат доделени на Свечена академија по повод 8-ми декември, Денот на Св. Климент Охридски, која ќе се одржи вечерта во очи на празникот во големата сала на Општина Охрид, според ковид протоколите.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град