Охридските хотелиери чекаат резервации за претстојните празници

Повеќето од охридските хотелиери се загрижени како пандемијата ќе се одрази врз нивното работење. Од локалната самоуправа пак, поскромно ќе го украсуваат градот и покрај енергетската криза во која е земјава.

 |   | 

Неизвесни се резервациите на туристите за Дочек на претстојните Новогодишни празници во бројните хотели на охридската ривиера. Охридските хотелиери се загрижени дали ќе останат со празни или полупразни капацитети заради пандемијата во последниот месец од истекот на оваа година.  Оние кои ги контактиравме не сакаа да коментираат дали имаат резервации за Нова година, избегнуваа да дадат конкретен одговор и кусо одговараа дека допрва очекуваат резервации.

Ангел Ангелески, менаџер на хотел Нова Ривиера, инфомира дека веќе прават подготовки за новогодишните празници. Очекуваат за време на  празниците да дочекаат од 200 до 250 гости.  

Во понудата имаме тродневни аранжмани за Дочек на Новогодишната ноќ. Гостите ќе ги забавува групата Маестро. Најчести гости ќе ни се гости од Србија и од Македонија, а има интерес за дочек и од гости од градов. Се надеваме дека протоколите ќе останат такви какви што се и ќе нема измени – истакна Ангелески.

Охрид како туристички центар ќе им понуди на гостите пријатен амбиентален престој за да уживаат во убавините на градот и покрај препораките за штедење струја заради енергетската криза во која е земјава. За празниците градот ќе блесне во Новогодишен сјај за да ги дочека странските и домашните гости, најави охридскиот градоначалник Кирил Пецаков. 

Не смееме да си дозволиме да имаме неукрасен град. Тендерот за украсување е минимален. Сепак, Охрид ќе е украсен и ќе е подготвен да ги дочека странските туристи – вели Пецаков.

Градоначалникот Пецаков најави и дочек на Новогодишната ноќ на Градскиот плоштад. Ќе има музичка програма на која ќе настапуваат охридски музичари и групи кои ќе ги забавуваат странските и домашните гости.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top