Граѓаните се жалат на пропусти во јавниот линиски превоз во регионот. Стари неисправни возила, на кои често им се случуваат дефекти, непочитување на ковид препораките и доцнење се дел од поплаките на жителите од Дебрца кои ги испратија до рубриката „Ти си твојот град“.
Граѓаните во рубриката „Ти си твојот град“ на ТВМ телевизија пријавија проблеми со јавниот линиски превоз во регионот. Доцнење на комбињата и автобусите, стари и неисправни возила, непочитување на препораките за заштита од корона вирусот, се дел од поплаките на граѓаните.
Ве молиме да ја алармирате јавноста дека има големи пропусти со јавниот превоз во регионот. Ние сме од општина Дебрца имаме поплаки за една од компаниите кои сообраќаат на релација Дебрца-Охрид-Дебрца. Комбињата им се стари, често се случуваат дефекти и постојано доцнат – пишуваат загрижените граѓани во рубриката „Ти си твојот град”.
Екипата на ТВМ телевизија денес ја посети автобуската постојка кај пазарот и ги запрашавме граѓаните со какви проблеми се соочуваат. Ги потврдија истите поплаки на жителите кои го пријавија проблемот.
Неодамна ТВМ телевизија објави дека само годинава 196 возила со техничка неисправност вршеле јавен превоз на патници во регионот. Во просек при контролите полицијата затекнувала по две неисправи возила дневно. Од нив 11 биле автобуси, а останатите комбиња и автомобили, кои превезувале патници.
Најчесто неисправни им биле сопирачките, по што веднаш се исклучени од сообраќајот, а против сопствениците се поднесени соодветни пријави.
Апелирам до сите учесници во сообраќајот, до возачите на патнички моторни возила, до возачите кои вршат јавен превоз строго да се придржуваат до одредбите за безбедност во патниот сообраќај – рече Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
ТВМ телевизија се обиде да стапи во контакт со првиот човек на општина Дебрца во однос на поплаките од граѓаните за пропустите во линискиот превоз со превозната компанија, но не успеавме да добиеме одговор.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град