Здружението „Храбро срце” бара ослободување од партиципација на пациентите со механичка поддршка. Велат тоа е старо ветување од Министерството за здравство, кое треба да се исполни од почетокот на идната година. Успешните пет трансплантации на срце во земјава кои досега се направија, влеваат надеж на 25 пациенти, кои сеуште чекаат шанса за нов живот.
Националното здружение „Храбро срце” бара пациентите со механичка поддршка на срце да бидат ослободени од плаќање партиципација за здравствени услуги. Се работи за 15-тина такви пациенти во земјава, што нема да претставува големо оптеретување на буџетот.
Од здружението велат тоа било ветување кое го добиле пред година и пол, а очекуваат да се исполни од 1-ви јануари идната година.
Во последниот период пак го актуелизиравме и имаме цврсто верување и ветување дека со новиот буџет за 2022 година пациентите со механичка потпора ќе бидат потполно ослободени од плаќање на партиципација за здравствените услуги, што е големо олеснување за нас како пациенти – вели Васко Јолески, претседател на Националното здружение „Храбро срце”.
Успешните пет трансплантации на срце во земјава, кои досега се направија влеваат надеж на пациентите кои чекаат шанса за нов живот. Но клучно е подигнување на свеста за органодарителство за што здружението спроведува и силна кампања.
Докторите се одлучија да отпочнат една голема работа како што се трансплантациите, кои што се највисоко достигнување во медицината во сферата на кардиоваскуларните заболувања. Тоа е за пофалба, покажаа и докажаа дека се доста успешни – додава Јолески.
Дваесет и пет луѓе во земјава сеуште чекаат трансплантација на срце. Минатата година во мај, во ек на пандемија се направи првата успешна трансплантација во земјава, а по неа уште четири. Најмладиот пациент кој доби срце од починат донор е 23-годишно момче.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град