Стравот од енергетската криза ги натера охриѓани да набавуваат и резервни количини на дрво за затоплување на домовите оваа зима. Охридското стовариште на Национални шуми располага со доволни количини огревно дрво кое се продава по иста цена со години.
Охриѓани кои се греат на струја бараат резервен план како да не останат без огрев. Стравот да не останат во студени домови оваа зима, ги принуди охриѓани да купуваат огревно дрво за греење. Побарувачката за огревно дрво драстатично се зголеми по информациите дека земјава се соочува со енергетска криза, информира Славчо Голабоски, директор на Национални шуми-подружница Охрид.
Во овој момент имаме огромна побарувачка од луѓето кои користат други енергенси за греење во домовите како што се електрична енергија, пелети, но и тие се поврзани со користење на струја. Луѓе кои не купиле дрва повеќе од 10-тина години сега доаѓаат и бараат да купат некој метар дрво бидејќи стравуваат од енергетската криза – истакна Голабоски.
Во моментов, во складиштето на национални шуми има 300 метри просторно огревно дрво. Залихите не се големи, но од шумското велат дека ќе ги надополнуваат количините во зависност од временските услови за движење низ шумите. Располагаат најмногу со буково огревно дрво.
Во овој момент граѓаните не бираат огревно дрво, купуваат тоа што има во стовариштето. Инаку, традиционално во Југозападниот регион на Македонија се користи дабово огревно дрво за огрев, не знам дали тоа се должи на навика или традиција за разлика од другите краеви на Македонија каде што се користи буката како дрво за греење во домовите – вели Голабоски.
Во охридското стовариште на Национални шуми се продава прва класа буково дрво по цена од 2372 денари за кубик, а 2457 денари чини кубик дабово дрво. Информираат дека нивните обврски се завршени со продажбата на огревно дрво на рати за синдикатите, пензионерите и физичките лица. Нема да продаваат огревно дрво во останатите општини се додека има побарувачка од охриѓани без разлика какви цени се нудат на пазарот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град