Возачот кој усмрти двајца битолчани во Охрид доби условна казна-ЈАВНОСТА БАРА ПРАВДА

Јавноста бара правда за тешката сообраќајна несреќа на клучката кај хотелот Инекс која се случи минатата година. Социјалните мрежи се преплавени со трогателното сведоштво на Сташа Божиновска, едно од девојчињата кое ја преживеа страотната несреќа. Сообраќајката се случи на 16 август 2020 година. Во неа животот го загубија две 27-годишни момчиња од Битола, три девојчиња од Битола, Скопје и Струга беа тешко повредени, една од нив беше 200 денови во кома, а обвинетиот доби условна казна во времетраење од 4 години.

 |   | 

Јавноста, пријатели и семејствата на младите битолчани, кои лани загинаа во тешката сообраќајна несреќа на клучката кај хотелот Инекс, бараат правда. Социјалните мрежи се преплавени со трогателното сведоштво на Сташа Божиновска, едно од девојчињата кое ја преживеа страотната несреќа. Реакциите на јавноста доаѓаат како револт на првичната пресуда од Основниот суд Охрид, со која обвинетиот за сообраќајката е осуден на условна казна од 4 години и 3000 евра парична казна.

 

На 20-ти октомври судот ја донесе пресудата, која предизвика револт и негодување во јавноста.

Се обидувам да разберам и да не сум лута. Тешко е, но се обидувам. Но човекот, ИНСТИТУЦИЈАТА, која требаше да ни дај потпора, не само мене, на сите засегнати од кобната несреќа, ме/не предаде. Судијата Бојан Мартиноски од одновниот СУД во Охрид не изневери. Ни ги уби по втор пат другарите и заедно со нив нивните фамилии и нас – стои во трогателната објава на Сташа Божиновска една од повредените девојчиња, која децидно ја опишува кобната ноќ и целата голгота низ која минаа повредените, погинатите и нивните семејства.

Уште еден апел масовно се споделува на социјалните мрежи напишан од еден од другарите на погинатите момчиња. Во него стои:

„Еден човек одлучил да се коцка со животот, возејќи кон Свети Наум со двојно поголема брзина од онаа која е пропишана на тој пат, не коцкајќи се само со својот туку и со животите на сите оние кои учествувале во сообраќајот на патот таа ноќ. На огромна несреќа забрзаниот автомобил го удира автомобилот во кој се наоѓаа двајца мои другари и три девојки. Двајцата го губат животот. Иван подлегнува на тешките повреди истата таа ноќ, а Милан после едномесечна битка на КАРИЛ. Трите девојки, Сташа, Исидора и Деспина се здобија со тешки повреди од кои се опоравуваат до денешен ден. Барам правда за Иван, Милан, Исидора, Сташа и Деспина! Барам правда за сите кои се нашле во слични ситуации низ животот – стои во писмото на Стефан Мицески пријател на починатите момчиња.

Денес се одбележува Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни несреќи. ТВМ за овој случај го контактираше претседателот на Основниот суд Охрид Васил Баткоски кој рече:

Одлуката за случајот е на судијата, но затоа постои второстепеност и жалби. Сега Апелациониот суд во Битола ќе одлучува за овој случај.

После бурните реакции на јавноста, на социјалната мрежа Фејсбук се огласи и минисетрот за правда Бојан Маричиќ кој побара Судскиот совет будно да го следи овој случај.

Како министер за правда, но пред се како човек и родител не можам да бидам рамнодушен по одлуката на судот, кој пресуди условна казна за сообраќајката во Охрид по која две момчиња починаа, а три девојки беа тешко повредени. Очекувам праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај – напиша Маричик на Фејсбук.

Сообраќајката се случи на 16 август 2020 година. Во неа животот го загубија две 27 годишни момчиња од Битола, три девојчиња од Битола, Скопје и Струга беа тешко повредени, една од нив беше 200 денови во кома. Следната одлука се очекува од Апелациониот суд во Битола.

 

Новинар : Соња Рилковска

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top