Над 18 видови лилјаци во НП Галичица

Од вкупно 30 видови лилјаци колку што се регистрирани во Македонија, повеќе од половина се среќаваат во НП Галичица. Месното население многу малку знае за богатиот биодиверзитет, па како резултат на човековото влијание се повеќе и повеќе се уништуваат природните живеалишта на лилјаците. Стручните лица од Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ во партнерство со ОО на Црвен Крст – Охрид и невладината Eco Logic од Скопје во следните осум месеци ќе работат на имплементација на проект за развој на едукативни ресурси за заштита на пештерите и лилјаците во НП Галичица.

 |   | 

На подрачјето на Нaционалниот парк Галичица има околу 18 видови лилјаци од вкупно 30 вида колку што досега се регистрирани во Македонија. Од нив позначајни се медитеранскиот потковичар, големиот потковичар, долгокрилестиот лилјак и долгопрстиот ноќник. Иако нашата земја има ратификувано повеќе конвенции како што се Бернска и Бонска Конвенција и Договорот за зачувување на видовите на европски лилјаци, во Македонија лилјаците немаат некој посебен статус на заштитени видови.

Наспроти верувањата на повеќето луѓе, лилјаците не се опасни за човекот и не напаѓаат. Сите лилјаци кои живеат во Македонија се исхрануваат со најразлични видови инсекти и на еден начин се природни регулатори на инсектите. Да не се тие, би имало премногу комарци и други штетни инсекти околу нас. Како резултат на човековото влијание преку сечење на шумите, исушување на водни површини, прекумерна употреба на инсектициди и други средства против инсекти, вознемирување на колониите на лилјаците и сл. денес се повеќе и повеќе се уништуваат природните живеалишта на лилјаците – посочуваат од Истражувачко друштво „Урсус спелеос“.

Стручните лица од Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ во партнерство со ОО на Црвен Крст – Охрид и невладината Eco Logic од Скопје во следните осум месеци ќе работат на имплементација на проект за развој на едукативни ресурси за заштита на пештерите и лилјаците во НП Галичица. Секретарот на охридската организација на Црвен Крст, Мимоза Ставрева вели дека ова е еден комплетен, интересен  и сосема нов проект за Црвен Крст, меѓутоа во соработка со експертите од партнерските организации смета дека ќе биде од корист за подигнување на општествената свест за богатствата кои постојат кај нас и како истите да бидат заштитени.

Со овој проект ќе бидат опфатени околу 100 деца од градинките, 100 деца од основните училишта за кои ќе се развијат едукативни модели преку игри за да научат како ќе се заштитуваат пештерите и лилјаците во нашиот национален парк. Покрај едукацијата во градинките и основните училишта ќе се развие и модел на тренинг за да се едуцираат тренери за заштита на пештерите кои понатаму ќе го дисеминираат знаењето и по завршувањето на проектот, тука се мисли на компонентата одржливост. Предвидени се и екскурзии за ученици до одредени пештери во НП Галичица колку што ќе дозволува моменталната состојба – вели Ставрева.

Проектот „Развој на едукативни ресурси за заштита на пештерите и лилјаците во НП Галичица“ е финансиран од Фондот за природа Охрид-Преспа – ПОНТ и фондот за заштита на биодиверзитетот ЦЕПФ.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top