Промовиран романот „Тегли“ на охриѓанецот Јордан Коцевски

Романот „Тегли“ на охриѓанецот Јордан Коцевски е уште едно дело кое го покажува потенцијалот на домашната книжевна продукција. Трилер кој допира неколку социјални теми, со мала доза на хорор, но и хумор како противтежа. Приказна за пријателство и љубов испреплетена со мистериозен случај на сериски убиства.

 |   | 

Романот „Тегли“ на авторот Јордан Коцевски е интригантна приказна која во мислите на читателот се одвива со динамика на трилер филм адаптиран од дело на брилијантниот мајстор на хоророт Стивен Кинг. Во „Тегли“ има се`што ќе ја стимулира психата на чистателот, анти херои како главни ликови, пријателство и љубов испреплетени со мистериозен случај на колекционери на човечки тела, свирепост, семејно насилство, отфрлени од општеството кои ќе ја земат правдата во свои раце притиснати од корумпираниот систем од една и психопат убиец од друга страна.

Јас ја сместив во жанрот мрачен трилер меѓутоа сметам дека во жанровите има некоја флуидност така што има и хумористични елементи што би го негирале тој мрачен елемент, такашто би рекол најверојатно трилер. Јас ја доживувам книгата како приказна за жртвите односно за тоа „што потоа“, што после одредена тешка ситуација и влијанието на последиците од тоа како да си жртва на сериски убиец – вели Коцевски.

„Тегли“ на Коцевски е освежување во домашната книжевна продукција. Романот е за сѐ она што треба или не треба да се чува складирано во тегли и сето тоа раскажано со леснотија и низ многу хумор, ќе речат промоторите на книгата. Начинот на кој Коцевски ја структуира приказната го прави романот совршен за филмска адаптација. Во тоа влијание има неговото искуство како сценарист на графички новели или стрипови. Неговите кратки стрипови се објавени во по­веќе списанија за стрип во земјава и во странство.

Начинот на пишување на стрип и овој роман е сличен, со тоа што во романот има многу поголем предизвик затоа што е поголемо дело меѓутоа тоа што пишувам за стрипови ми помогна да имам повизуелен пристап во романот во смисла што кога пишувам стрип мора да си ја замислам секоја сцена како изгледа за да ја пренесам на тој што го црта, а во романот имав задача тоа да го пренесам на читателите преку збор со многу повеќе детали за да си создадат слика – објаснува Коцевски.

Јордан Коцевски докторирал на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, работи како туристички водич и неуморно пишува. Во 2001 год ја објави првата книга, збирката раскази „Време за живеење“. Потоа следеа стрип-антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ и првата графичка новела „Витези од соседството“. Добитник е на две награди за стрипот „Our Eden“, а него­вата книга „Прозорецот“ беше наградена од „Фондација Македоника“. Во моментов во фиока има уште еден роман на многу актуелна тема. 

Завршив со работа на нешто ново. Новиот роман ќе се вика „Заследи ме“ и готова е првата работна верзија. Искрено, мене процесот после завршување на еден роман повеќе ме исцрпува затоа што бара повеќе внимание, средување и адаптирање на приказната како и проверка. „Заследи ме“ е приказна за инфлуенсерки – ни откри авторот.

Романот „Тегли“ може да се најде во Скопје во книжарницата Литература на ул. Македонија, книжарницата ТРИ во ГТЦ и Ист Гејт, како и онлајн на kupikniga.mk или од издавачот ПНВ Публикации.

 

 

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top