Недостиг на педијатри во Охрид

Охрид би можел да остане без болничко лекување за најмладите, предупредуваат лекарите. Дефицитот на педијатри кој е проблем во целата држава може да доведе детското одделение во Општа болница Охрид да работи како амбуланта. Во моментов само една докторка е на специјализација, но двајца педијатри од одделението по Нова година заминуваат во пензија. Менаџментот на болницата бара можни решенија преку ротации од други болници да се ублажи проблемот.

 |   | 

Во Охрид и во примарната здравствена заштита и во Општа болница има недостиг на педијатри. Од четворицата педијатри, со колку што во моментот располага детското одделение во охридската болница, тројца се пред пензија, а двајца заминуваат после Нова Година. Матичните лекари не работат за време на викендите, па притисокот врз болницата е голем. Еден доктор дежура по 24 часа на секој четврти ден. Нема кој да ги замени и наследи, бидејќи нема млади педијатри на што алармиравме од порано велат матичните педијатри.

Ние тоа го предвидовме. Направивме анализа и тоа им го предочивме на структурите уште пред 10 години. Но, за жал никој не презеде сериозни мерки, тоа да се спречи. Затоа што во вакви ситуации излегуваат раните. Беше предвидено дека ќе дојде до оваа ситуација. Колегите на детското одделение се преоптоварени. Со оглед на тоа дека сме и во пандемиски услови, за жал имаме и многу деца болни и навистина им е многу тешко и физички не можат да издржат – вели д-р Никола Филев, матичен педијатар.

Директорот на Општа болница, д-р Горан Балевски, вели дека за проблемот кој е присутен во целата држава разговарано е лично со министерот за здравство. Менаџментот на охридската болница прави напори и е во интензивни контакти со болниците во Кичево и Струга за можноста за ротации на доктори исто така се водат разговори и со педијатри од приватното здравство, вели Балевски.  

Кадарот е постар на детско одделение. Огромен е напливот на детско одделение. Тој проблем не можеме наеднаш да го решиме. Тоа е долгорочен проблем. Младите не ги сакаат, тоа се специфични гранки, тешки гранки. Најголем проблем е некој да натерате да оди на педијатрија и анестезија. Ние и специјализација имавме одобрено, меѓутоа немавме кадар, не се пријави. Само една докторка се пријави, која ќе оди на специјализација – вели д-р Горан Балевски – директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

Доколку не се изнајде решение охридското детско одделение може да продолжи со работа како амбуланта, односно Охрид нема да има болничко лекување за најмладите.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top