• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Ногачески ветува изградба на канализациона мрежа и подобрување на водоснабдувањето во Дебрца

Ногачески ветува изградба на канализациона мрежа и подобрување на водоснабдувањето во Дебрца

Ќе продолжам со инвестирање во инфраструктурата со акцент на изградба на канализациона мрежа и подобрување на водоснабдувањето, вели независниот кандидат за градоначалник на Дебрца, Зоран Ногачески. Останувам посветен на подобрување на условите во образованието, спортот, развој на руралниот туризам и заштита и одржливо користење на природата на Дебрца, вели Ногачески.

 |   | 

Како и во изминатите четири години мандат и во наредните акцентот го ставам на подигнување на квалитетот на живот на граѓаните на Дебрца и токму затоа првенствено ќе инвестираме во капитални проекти, вели независниот кандидат за Градоначалник на Дебрца, Зоран Ногачески.  

Би можел да потенцирам неколку проекти како на пример во делот на канализацијата планираме изградба на канализациона мрежа во село Требеништа, во село Лешани за кое е веќе аплицирано со проект и одобрени се средства како и канализациона мрежа за село Велмеј. Подобрување на водоснабдувањето за селата Волино и Оровник како и за селата од Долна Дебрца, Лешани и Белчишта, со зафаќање на извориштето во месноста Кременатец – вели Ногачески.

Во делот на основното образование Ногачески најави завршување на процесот на изградба на централно греење во сите основни училишта и енергетски ефикасна фасада на училиштето во Требеништа. Дебрца е една од ретките општини во регионот која обезбедува бесплатен оброк за учениците и тој проект ќе продолжи и во иднина. Во делот на спортот ќе инвестираме и во наредниот период, првенствено реконструкција на соблекувалните и игралиштето во село Мешеишта и изградба на спортски полигон во село Злести, посочи Ногачески.

Во наредниот период Општина Дебрца ќе добие три репрезентативни објекти од кои некои се започнати. Тоа е Археолошкиот музеј вос. Требеништа каде првата фаза е веќе завршена, а веднаш по изборите, во втората фаза треба да започне реконструкцијата на задружниот дом, понатаму Музејот на Белчишко блато и планинарскиот дом во с. Брежани – кажа Ногачески.

Дебрца има извонредна природа и предуслови за развој на руралниот туризам поради што посветуваме посебно внимание во нашите развојни стратегии. Ногачески напоменува дека во крајна фаза е изработка на документација за прогласување на Белчишкото блато за Парк на природата и да се обезбеди негова заштита и одржливо користење како туристичка дестинација. 

Успешноста на еден Градоначалник и општинската администрација многу зависи и од тоа колку ќе се искористат европските претпристапни фондови кои ни стојат на располагањеНие како општина во изминатиот период успеавме голем дел од проектите да ги реализирами со европски пари. Затоа сакам да го отфрлам она мислење дека локалната власт секогаш требало да биде истоветна со централната поради добивање средства. Но тоа не е тоа така – посочи Ногачески.

Добар дел од проектите кои веќе се реализирани се финансирани преку програмата за прекугранична соработка со Албанија и со Грција и грант од УНДП, потсетува Ногачески. Општина Дебрца во дел припаѓа на заштитениот регион како светско природно и културно наследство од УНЕСКО и понатаму остануваме посветени на спроведување на препораките на Комитетот за светско наследство и се што е предвидено со Планот за управување со Охридски регион, порача Ногачески.

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top