Што содржат „Документите на Пандора?“

Тајните договори и скриените богатства на голем број светски моќници се откриени преку најголемиот истек на офшор податоци во историјата, кои го добија називот Пандора документи.

 |  Голабовски Крсте  | 

Тајните договори и скриените богатства на голем број светски моќници се откриени преку најголемиот истек на офшор податоци во историјата, кои го добија називот Пандора документи.

Протечени се 11,9 милиони документи од компании ангажирани од богати клиенти со цел да се креираат офшор мрежи во даночни раеви како Панама, Дубаи, Монако, Швајцарија и Кајманските Острови.

Тие откриваат тајни офшор договори на 35 светски лидери, меѓу кои и поранешни претседатели, премиери и шефови на држави. Документите ги расветлуваат и тајните финансии на повеќе 300 други функционери, како министри, судии, градоначалници и воени генерали од повеќе од 90 држави.

Во протечените податоци се присутни и над 100 милијардери, како и славни личности, музички ѕвезди и бизнис лидери. Многу од нив користеле фиктивни компании за нивниот луксузен имот, како земјишта, јахти или пак анонимни банкарски сметки. На нив има дури и уметнички дела – од украдени антиквитети од Камбоџа до слики од Пикасо и мурали од Бенкси.

Документите биле доставени до Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), кои ги споделиле протечените податоци со повеќе од 600 новинари од медиуми како Гардијан, Би-Би-Си, Ле Монд и Вашингтон Пост кои по 18 месечната анализа во следниот период ќе ги објавуваат сознанијата до кои дошле.

Засега медиумите пренесоа за таен имот во светските престолнини од стотици милиони долари на првите луѓе на Јордан и Азербејџан, Кралот Абдула Втори и Илхам Алиев. Дополнително документите покажале дека премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, преку офшор компанија, има купено вила од 22 милиони долари на југот на Франција, како и дека претседателот на Кенија, Ухуру Кенјата и неговото семејство имаат преку 30 милиони долари на офшор сметки. Во документите фигурираат и претседателот на Украина, Волдомир Зеленски, како и блиски соработници на рускиот претседател, Владимир Путин.

Документите покажуваат мејлови, дописи, извештаи и сертификати за акции кои ги откриваат лавиринтите на корпорациските структури.

Пандорините документи претставуваат најнов и најголем истек на податоци по серијата на големи протечувања на финансиски податоци кои го потресоа офшор светот по 2013 година.

Основањето офшор ентитети, само по себе, не е нелегално, а во некои случаи луѓето можат да имаат легитимни причини за таквите постапки. Сепак, тајноста која ја нудат даночните раеви истовремено е атрактивна за криење на даноци, криминални финансии и перење на пари.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top