Стара дезинформација преку ново видео искористена за потценување на ковид-19

Стара дезинформација од лани од август во американското општество, преку, веројатно, ново видео, е исползувана од корисник на Фејсбук профил на македонски јазик да се потцени опасноста од пандемијата со корона вирусот, со што се залажува јавноста дека не постоела пандемија со ковид или дека таа била безначајна.

Стара дезинформација од лани од август во американското општество, преку, веројатно, ново видео, е исползувана од корисник на Фејсбук профил на македонски јазик да се потцени опасноста од пандемијата со корона вирусот, со што се залажува јавноста дека не постоела пандемија со ковид или дека таа била безначајна.
 

Во објава на Фејсбук, во која има приложено и монтирано видео од ТикТок мрежата, манипулативно се тврди дека ковид пандемијата не постои, или дека е релативно безопасна, зашто, наводно, според податоци од американскиот Центар за превенција и контрола на болести (CDC), само 6 проценти од починатите пријавени во САД умреле од ковид-19.

Во објавата, на крајот се вели, „подгответе се за вистината, ќе боли“ :

Американски центар за контрола на болести (CDC), 24.06.2021 година:

    Само 6% од пријавените случаи умреле од Ковид-19. Шест!

    There is no pandemic.

    Не постои пандемија.

    Подгответе се за вистината, ќе боли.

Заедно со ваквото тврдење или предлошка за тврдењето, е содржината на речиси едноминутно видео од ТикТок на кое се гледа како зборува некој претставник од американскиот естаблишмент во конгресно или некое друго сослушување на американската влада, како и лицето што го споделило видеото.

Содржината на видеото укажува дека претставникот на естаблишментот изјавува дека американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) објавил податок оти само 6 проценти од пријавените починати во некој период, за кој во видеото не е јасно за кога се однесува, биле починати од ковид-19. Значи пандемија нема, заклучува говорникот, а по него истите зборови ги повторува и лицето што го емитува видеото. На левата страна од екранот, кога завршува парчето од сослушувањето, е испишано дека таа ситуација се однесува на 24.06.2021 и дека CDC вели нема пандемија!

Вака спакувано, заедно со текстот на објавата што ја рецензираме, јавноста треба да поверува дека пандемија нема, дека сè ова досега што се случувало било фарса или во најмала рака дека ковид-19 не е опасно заболување, зашто, ете, само 6 проценти од сите починати починале од ковид-19.

Целата објава е фарса, заедно со текстот и видеото, затоа што станува збор за дезинформации од минатата година, кои веднаш беа расчистени во американското општество, па и во светската јавност.

Станува збор за редовен извештај на CDC одделот Национален центар за здраствена статистика, кој ги води низата редовни извештаи за починатите од болести, па ги класифицира според типот на болеста, местото на смртта, возраста, расата, полот, итн. Оригиналниот пост од каде што почнала забуната бил пост на Твитер од корисник „Mel Q“, подоцна отстранет од Твитер, кој потоа бил ископиран од некого на Фејсбук, а на целата оваа забуна се вградил и поранешниот претседател Доналд Трамп, кој, користејќи го постот на Твитер, од својот профил „ретвитнал“ и сугерирал дека и CDC ги намалил бројките, односно дека само 6 проценти од починатите заклучно со 15-ти август биле оригинално починати од ковид-19. Целиот развој на оваа сторија, дел од т.н. инфодемија, можете да ја видите во текстот објавен на порталот „Здравје“ (Health.com).

Сето ова од крајот на август до септември, па и октомври 2020 година предизвика ширење на теориите на заговор околу корона вирусот и ковид-19, што беше повеќе пати подложено на верификувани проверувачи на факти и беше констатирано дека станува збор за погрешно разбрани или пренесени информации, односно за дезинформации. Проверките на факти за оваа дезинформација објавија, меѓу другите, FactCheck.org, Reuters.com,  TAG.org и други медиуми или нивни сервиси за проверка на факти.

Суштината на дезинформацијата најдобро може да се опише со насловот во проверката на факти на Ројтерс – „Проверка на факти: 94% од поединците од други причини за смрт, имале ковид-19“.

Односно, бројките на CDC се така класифицирани што навистина 6 проценти од починатите немале друго заболување освен ковид-19, но и сите други 94 проценти од стотиците илјади пријавени починати, а во врска со ковид-19, имале ковид, но и заболувања како што се воспаление на белите дробови, дијабетис, кардио-васкуларни заболувања и слично.

Патем, на истата страница на CDC, ако се прегледаат статистичките показатели за бројот на починати од ковид 19 во САД за 2020/2021 година, кои се обновени со податоци од 09.07.2021 година, може да се види дека станува збор за над 579 илјади граѓани, чија смрт се поврзува со ковид-19, при што до крајот на 2020 година тој број изнесувал над 385 илјади, а годинава над 212 илјади, од вкупно речиси 5 милиони починати од сите причини.

И на крај, со едноставна проверка на датумот во видеото, 24.06.2021, може да се види дека CDC тогаш нема објава, никакво соопштение, ниту, пак, нов податок за морталитетот. А, од коментарите под објавата што ја рецензираме може да се види дека кога некој од лицата што коментирале вели дека тој процент за кој што се зборува во видеото е од лани приближно овој период, авторот на објавата вели дека тоа не е важно („Па и да е од лани, изјавата е јасна“)!

Имајќи ги предвид аргументите што ги анализиравме во рецензијата, може да се даде оценката дека станува збор за дезинформација – и за објавата, односно тврдењето на авторот што пишува на тој профил, а и за видеото што е прикачено како „доказ“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top