Свечено отворено 61-то издание на „Охридско лето“

Летата во Охрид почнуваат и завршувааат со „Охридско лето – свечено отворено 61 издание на фестивалот. Следуваат 40 фестивалски вечери во кои ќе настапат над 500 уметници.

 |   | 
Уметниците од НОБ со делови од познатата трилогија „Лебедово Езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспана убавица“ од еден од најзначајните композитори во светски размери Петар Илич Чајковски, како и извадоци од балетот „Ана Каренина” и операта „Евгениј Онегин” приредија грандиозен гала концерт за отворањето на 61-то издание на „Охридско лето“. Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, Претседателот Стево Пендаровски кој од Античкиот театар од Охрид, порача дека парадоксот на убавината која е олицетворена во уметноста и културата е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет дури и кога ги прикажува најголемите страдања.
Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината и со тоа надежта дека човештвото опстојува.Годинава кога прославуваме 30 години од независноста на РСМ го започнуваме нашиот најпрестижен фестивал „Охридско лето“ со 90 македонски уметници чии квалитети сигурно не се подолу од најпознатите светски имиња.-рече Пендаровски.
Ниту Охрид може без „Охридско лето”, ниту „Охридско лето” може без Охрид, бидејќи магијата е взаемна како што е магичен целиот регион, истакна министерката за култура Ирена Стефоска која во своето обраќање кажа дека како Влада прават се за да го зачуваат регионот, иако навидум бавно, но не сопираат.
-Замолувам и повикувам, доаѓајте во Охрид со респект. Охрид не е забавен парк, посетете ја питомата Струга, Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца, Дебрца не е депонија, искачете ја Галичица, Галичица не е само уште една планина и напојте го погледот со убавина. Охридското Езеро е редок дар а не базен. Охридското- струшко крајбрежје е мир, а не бетонски рај. Регионот е волшебство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја зачуваме, не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет.-рече министерката за култура Ирена Стефоска.
Пораката на „Охридско лето” во името на сите уметници, годинава ја пренесе познатата балерина и кореографка Олга Панго која рече дека македонските културни институции мора да се поддржуваат.
-Нашата порака ќе ви ја пренесеме онака како што најдобро знаеме – од сцената, која последнава година и половина премногу ни недостасува. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници ќе го отвориме фестивалот „Охридско лето”. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста.-порача балерината и кореограф Олга Панго.
На фестивалските сцени до 20-ти август ќе настапат повеќе од 500 уметници од 18 земји. Вечерва на програмата ќе настапи холандското дуо Маја Богдановиќ на виолончело и Дание Роланд на виолина во црквата св.Софија со почеток од 21 часот.
 
Новинар : Кристина Алексиеска
 
Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top