Обвинителството отворило предмет по допрен глас и издало наредба на полицијата да го идентификува сторителот. Маскедонската дипломатија и Претседателот Пендаровски го осудија чинот.
Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет по допрен глас во врска со написите во одредени медиуми дека за време на одржувањето на Вевчанскиот карневал било запалено знаме на Република Бугарија.
Обвинителството ќе испитува дали во случајот има кривично дело – Повреда на угледот на странска држава, по член 181 од Кривичниот законик.
По наредба на ОЈО, ОВР Струга треба да го утврди идентитетот на сторителот и да ги идентификува и другите присутни на настанот. Исто така, ќе бидат обезбедени и евентуалните снимки од камери на кои е регистриран инцидентот, а ќе бидат преземени и други дејствија за расчистување на настанот, велат од ОЈО.
МВР денеска го потврди настанот и информира дека работат на негово расчистување.
Официјална Софија со „остар вербален демарш“ за палењето на бугарското знаме во Вевчани. Демаршот до МНР го упатил бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, а за него на Фејсбук информираше министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева. Неколку бугарски медиуми синоќа објавија дека на карневалот во Вевчани било запалено бугарското знаме.Во информациите се спомнува дека годинава била откажана официјалната организација на карневалот и дека полицијата се интервенирала да спречи групирање во селото поради мерките за заштита од корона вирусот.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски денеска го осуди чинот .
„Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување“, вели претседателот Пендаровски.
Македонското Министерство за надворешни работи го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани отценувајќи дека ваков чин е штетен по угледот на државата.
Чинот , нарекуваќи го несреќен и ирационален, го осуди и градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град