Барџиева Трајковска: Мора да има одговорност за девастирањето на Охридскиот регион

Природното и културно наследство на Охридскиот регион се девастира 30 години. Не можеме да очекува истите институции кои дозволиле да се случува тоа сега да ги решаваат проблемите.  Потребно е системско решение,  ревизија од страна на независна експертска група и лоцирање на одговорност,вели Проф др Донка Барџиева Трајковска  претседателка на Центарот за заштита на културното наследство. Таа изразува сомнеж во извештаите на институциите за состојбата на универзалните вредности со кои располага регионот и бара сондажа на терен.

 |   | 

Состојбата на терен со природното и културното наследство на Охридскиот регион е далеку полоша од она што е нотирано во извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО, вели Донка Барџиева Трајковска- универзитетски професор и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство. Универзалните вредности на Охридскиот регион се девастираат 30 години и за тоа некој мора да понесе одговорност, децидна е Барџиева.

„ Вината е разгранета на повеќе институции и нивоа, меѓутоа пред се на владата. Извештајот е адресиран до државата потписничка која се обврзала со конвенција.  Тука одговорноста треба да ја преземе владата и таму ја лоцирам пред се , кај премиерот , потоа Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство па до НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид  и локалната самоуправа односно градоначалниците на Охрид, Дебрца и Струга.“ – кажа Барџиева Трајковска во емисијата Топ Тема на Телма.

Уште во 2017та оваа Влада имаше шанса да направи системски пресврт во заштитата на културното и природно наследство на целата држава а посебно за Охридскиот регион.  Тогаш требаше да се воведе целосен мораториум, анализа и утврдување на реалната состојба на терен , ревизија на работењето на сите институции и установи за да се види како  е можно да ви се појавуваат дивоградби во заштитено подрачје под УНЕСКО, вели Барџиева.

„Зошто не се носи ДУП во Охрид? Требаше да се донесе ДУП за старото градско јадро па го поделија на 19 единици и сеуште тоа не е решено. Знаете зошто? Затоа што во постојниот закон постои член кој предвидува кога не е донесен ДУП да се издаваат конзерваторски услови и тука се во спрега Завод и Музеј Охрид со Управата за заштита. Па таму се е легално, сите дивоградби во старото градско  јадро се легални.“-вели Барџиева.

Во нацрт извештајот на 123 страни посочени се огромен број проблеми кои според Барџиева се системски и на таков начин треба да се решаваат.  Според професорката имаме институции кои не функционираат и  не можеме да очекуваме од нив да го решаваат проблемот.

„ Долго време извештаите ги подготвуваат едни исти луѓе , во издавањето на дозволи учествуваат исти луѓе вработени во институциите. Тоа се повторува со години. И сега стигнува извештај и ние не можеме да очекуваме од истите тие луѓе, институции да ни одговорат зошто е тоа така кога тие институции го довеле Охрид во оваа ситуација.“

Барџиева смета дека Владата треба да формира независна експертска група или групи кои ќе извршат целосна ревизија, да се лоцира одговорност и да се повика некој на одговорност. Воедно да се изврши сондажа на терен за да се добие реална слика со колку оригинални автентични примероци располага Охрид во делот на културното наследство и во каква состојба се природните реткости.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top