Вчера попладне непознати сторители ги искршиле стаклата на возилото, случајот е пријавен во полиција.
Каменувано амбулантното возило на Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани. Вчера попладне непознати сторители ги искршиле стаклата на возилото, случајот е пријавен во полиција.
Причините засега не се познати, дали се работи за незадоволен пациент или револт кон врвот на здравствената установа, но вандалскиот чин во време на пандемија, кога здравствените работници даваат се` од себе да спасат живот повеќе е за секаква осуда.
„Беше оштетено амбулантното возило на Здравствениот дом , чинот е срамен момент , материјалната штета е мала, но не сакам да верувам дека има намера на тоа. Претпоставувам дека е некој пијан, помлад. Пријавено е во МВР“ , вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом Вевчани.
Оштетувањето на амбулантното возило е изолиран инцидент, Здравствениот дом Вевчани секојдневно добива поддршка и донации од хуманитарни организации и граѓани. Добија болничко возило,кислородни боци, материјали за заштитна опрема, финансиски средства за набавка на лекарства.
„ Со оглед на тоа што ние сме установа од примарна здравствена заштита немаме толку многу средства, ограничени сме и со капацитети и со материјали донациите ни се навистина многу вредни во борбата со ковид 19“ , додава Стојкоски.
Од охридската полиција велат непознат сторител скршил три бочни и предно ветробранско стакло од медицинското возило, кое било на паркинг простор пред Здравствениот Дом. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.
Инаку , моментално во Вевчанскиот здравствен дом се лекуваат 40 заболени од корона вирус, а во домот во Лабуништа триесет.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град