Езерско ракометно дерби во недела

Забрзаниот ритам на ракометната супер лига веќе во недела ни го носи езерското дерби. Иако претпазливи охриѓани се убедени во нова победа. Единствено жалат за атмосферата на трибините која веќе неколку сезони ја создаваат навивачките групи Рибари и Паткари.

 |  Предраг Савиќ  | 

Ситуацијата со ковид во нашата земја наметна згуснат распоред во ракометната супер лига. Во 5 дена треба да се одиграат три кола така што веќе во недела на гости во Охрид доаѓа ракометниот клуб од Струга. Поради откажаниот натпревар со Пролет охриѓани ќе одмараат денеска за разлика од стружани кои го пречекуваат КЛ 7. Поголемиот и поквалитетен ростер на играчи како и порелаксираниот распоред на охридската екипа ја става како апсолутен фаворит на дуелот иако станува збор за дерби кое влече  корени од пионерските до сениорските состави.

„Тоа е едно вечно ривалство помеѓу Охрид и Струга кое секогаш ќе трае без разлика на квалитетот на екипите. Ова секогаш  ќе е посебен натпревар на кој охриѓани и стружани гледаат со друго лице и даваат максимум на тие натпревари.“ – вели  Мартин Иваноски.

Во средата ГРК Охрид го демолира својот противник од Радовиш со едно неуморно залагање кое траеше 60 минути. Охридската ракометна надеж Мартин Иваноски причината за тоа  ја гледа во долгата пауза што предизвика глад за играње ракомет. И покрај пандемијата на Ковид 19 кај него нема страв  и со нетрпение ги очекува следните натпревари.

„Од моја гледна точка мене ми е како обичен натпревар затоа што сите ракометари се тестирани и тие што се позитивни на Ковид не можат да играат.  Според мене сосема е нормално да се игра. “ – изјави Иваноски.

За ракометарите публиката на ова дерби секогаш има посебно значење поради атмосферата на трибините која ја создаваат навивачките групи Рибари и Паткари. Тоа го почуствуваа на последниот натпревар во пролетниот дел од минатата сезона кога охридската сала беше празна. Потегот на рибарите кои својата поддршка ја дадоа навивајќи пред салата само покажува колку им значи ова дерби не само на ракометарите туку и на граѓаните од двата соседни градови. Овој пат тие ќе морат да се задоволат со преносот во живо на регионалната телевизија ТВМ во недела со почеток во 18.30 минути.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top