ковид 19

Противници на вакцина што (сè уште) не постои

По смртта на Илче Котевски, кој почина од Ковид-19, пејачката Тања Ксена Царовска со емотивен пост, каде изнесува неточни информации.
 |  vistinomer.mk  | 

Пишува: Весна Коловска

По смртта на претседателот на РК „Преспа“, Илче Котевски, кој почина од Ковид-19, познатата македонска пејачка Тања Ксена Царовска излезе со емотивна реакција на Фејсбук, каде изнесува неточни информации и теории на заговор.

Царовска во постот вели: „Е па другари, како зошто, треба да се всади страв в коски и луѓето да сакаат да се вакцинираат од страв. Инаку ќе им пропадне планот со вакцините, никој нема да сака. Оние што го праќаат протоколот за лекување од седиштето, тие просперираат од смрт. Тие сакаат смрт, тие доживуваат екстаза на смрт на невини, немоќни луѓе“.

Вакцината засега, според СЗО, е единствената алатка во рацете на човештвото против вирусот. Најразвиените држави интензивно работат на развој на вакцина против корновирусот, а во април годинава светските научиници се обединија во единствена, глобална иницијатива.

СЗО објави изјава во која над 130 научници, факултети и институти од целиот свет и земји како Германија, Италија, Шведска, САД, Австралија, Велика Британија, Кина, Канада и други, се обврзуваат да работат на вакцина за општа употреба, како „инструмент за контрола на пандемијата“.

Додека за вакцина за општа употреба е потребно време да се развие, таа на крајот може да стане главната алатка за контрола на оваа глобално распространета пандемија (…) Ние ќе ги продолжиме напорите да се засили досега невидената глобална колаборација, соработка и споделување на податоци, активности кои веќе се практикуваат и кои се во тек, стои во изјавата од научниците.

Статусот на Тања Царовска предизвика интерес на социјалните мрежи. До објавувањето на оваа рецензија тој има 275 реакции и околу 130 коментари, а споделен е 20-ина пати.

Таа на својот Фејсбук профил се обидува дополнително да ги зајакне искажаните тврдења и на едно место објавува „документ“ , чиј извор е нејасен и за кој таа вели дека содржел „докази“. Но, кога ќе се отвори „документот“, веднаш се забележува дека станува збор за збир на медиумски написи од најразлични извори меѓу кои има и угледни медиуми, но и крајно сомнителни, како и написи на кои не им се знае изворот.

Првиот напис, на пример, тврди дека коронавирусот бил предвиден во популарни ТВ серии, филмови, музички албуми, песни, концертни настапи на музички ѕвезди и слично. Има и написи кои се занимаваат со симболизмот на бројките, кој се користи како доказ. Па, така, за бројката од 33 починати лица, кој ја има на некој знак, кој, пак, го покажува различни бројки за движењето на епидемијата, се вели дека бројот 33 бил „највисок статус кај слободните масони“ и слично.

Дури и кога се цитираат видни извори, тоа се прави на манипулативен начин, односно се цитираат текстови од февруари или март кога имаше многу грешки во известувањето, затоа што стануваше збор за нов и непознат вирус за чие однесување и аспекти никој немаше проверени и сигурни информации. Се посочува, на пример, информацијата, објавена во многу медиуми дека лицата кои немаат симптоми се ширители на болеста, но неодамна СЗО објави дека за тоа нема документиран доказ. Арно ама, ова не беше познато пред неколку месеци.

Како доказ за заговор се користат изјави и написи, исто од пред 3-4 месеци, кои велат да не се користат заштитни маски, но не се кажува дека причината за ваквите изјави на видни стручњаци тогаш беше фактот што во болниците имаше недостиг од ваква опрема и дека беше најважно заштитните маските да не им се земаат на оние на кои им се најпотребни – медицинскиот персонал. Сега, кога производството на заштитни маски и друга заштитна опрема е значително зголемено и кога оваа опрема ја има во доволен број, експертите инсистираат сите да носат маски.

Токму за да нема вакви злоупотреби, сите аргументи и докази искористени во оваа рецензија се од понов датум, односно се актуелни. Она што е, сепак, најважно, тоа е фактот што сите написи во овие документи немаат научна подлога, не се водат од научна методлогија и не ги содржат најновите информации што овозможува манипулирање со нив, а со тоа и со јавноста.

Вестите во рубриката „Лажни вести избори 2020“ во целост се преземени од сајтот vistinomer.mk, за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.

Авторските права се отстапени за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top