Занаетчиите со нетрпение го очекуваа моментот кога повторно ќе ги отворат своите дуќани и салони. Скоро половина од нив имаа блокирани жиросметки и пред епидемијата а корона кризата дополнително им ја влоши состојбата. Сега се надеваат дека полека работите ќе се поместат кон подобро. Се надеваат летната сезона, без оглед дали ќе има само домашни или и странски туристи, да им помогне да застанат на нозе.
40% од занаетчиите во Охрид се со блокирани жиро сметки, а со неработењето за време на епидемијата минативе скоро два месеци состојбата значително им се влоши. Дел од занаетчиските дејности се нископрофитабилни и тешко функционираа и пред корона кризата. Најпогодени беа фризери, бербери, козметичари кои имаат директен контакт со клиентите. Уметничките занаети како филигран, изработка на накит и бижутерија го користат зимскиот период за изработка на своите производи за да можат да ги понудат во летниот период кога градот е пофреквентен со туристи. Претстојната сезона, без оглед како ќе се организира туризмот, буди надеж дека работите ќе се поместат од мртва точка.
„ Јас 40 денови без затворен, немав никакви приходи. побарувачката е намалена на нула. Но мислам дека полека ќе се стабилизира состојбата. Ако успееме да ја фатиме летнава туристичка сезона ќе биде добро. Ако има луѓе се надеваме со летната сезона да ја покриеме колку толку оваа криза која ја трпиме месец два наназад . – вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора – Охрид
„Се чувствува таа загуба, сепак салоните не работеа. Се надеваме дека во летниот период ќе се надмине кризата, дека ќе биде подобро. “ – Ѓургица Филипоска – сопственик на козметички салон „Perfect touch“
„ Сите со своите капацитети и можности заедно со државата ќе се бориме да ги санираме штетите . Засегнати сме и ние занаетчиите како и сите стопанственици бидејќи туризмот е еден систем на врзани садови кој е поврзан со целата економија. Протокот на туристи е важен за сите за да можат да го остварат својот профит. Охрид мора повторно да се рестартира со помош од државата и да се врати пулсот и енергијата и да се вратиме во колосек. “ – вели Михајло Филев, сопственик на „Охридски бисер Филеви“.
Корона кризата ги затекна занаетчиите во период на регистрација. Дозвола за работа или лиценца за што се плаќа 5200 денари за занаетчиите и околу 3700 денари за вршителите на занаетчиска дејност на почетокот на годинава имаа извадено половина од регистрираните занаетчии во Комората. Пазарната инспекција започна со контроли и опомени до занаетчиите да ја извадат потребната дозвола во најкраток рок. Но со почетокот на кризата со коронавирусот се прекина оваа постапка, вели Сашо Богоески којшто е Претседател на Регионалната занаетчиска комора со седиште во Охрид и потпретседател на Републичката комора.
„Инспекторите престанаа да одат по дуќани и да бараат занаетчиски дозволи. Очекувам по завршувањето на ова акриза пазарната инспекција да си ја заврши својата работа. Ние како Комора не бараме да ги казнува занаетчиите туку да ги извести дека треба да поседуваат занаетчиска дозвола за да можат да вршат занаетчиска дејност. “ – вели Богоески.
Во Охрид има 270 регистрирани занаетчии и 500 вршители на занаетчиска дејност.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град