Охриѓани викендов се рашетаа по околните планини

Охриѓани викендов се рашетаа по околните планини. Избегнувајќи ја опасноста од Корона вирусот тие масовно почнаа да бараат спас во природата.Поради вонредната состојба која владее во државата, предизвикана од пандемијата со Корона вирусот, тимот на Планинската спасителна служба апелира до сите љубители на планината, да се воздржат од авантури и да останат дома, заштитувајќи го своето здравје, но и здравјето на останатите служби, кои делуваат во ургентни ситуации.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охриѓани викендов се рашетаа по околните планини. Избегнувајќи ја опасноста од Корона вирусот тие масовно почнаа да бараат спас во природата. Но, бегајќи од една опасност можат многу лесно да западнат во друга. Вчера член на група возачи на планински Off-Road мотори доживеа несреќа и се стекна со сериозни повреди на левата натколеница. Била побарана помош од оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид која после 30тина минути Off-Road возење, ја лоцирала групата, а повредениот целосно го имобилизирала и транспортирала до специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“
Поради вонредната состојба која владее во државата, предизвикана од пандемијата со Корона вирусот, тимот на ПСС апелира до сите љубители на планината, да се воздржат од авантури и да останат дома, заштитувајќи го своето здравје, но и здравјето на останатите служби, кои делуваат во ургентни ситуации.

Моментално здравствениот систем е ставен на минимум, се примаат и третираат само итни случаи, па прашање е со каков капацитет здравствените работници можат да одговорат во овај момент кога целата енергија е насочена кон справувањето со вирусот. Од друга страна се ставаат под ризик и самите граѓани бидејќи непотребно можат да се доведат во ситуација да одат на болнички третман па може во здравствените установи да бидат заразени со вирусот, објаснува Антонио Додевски, Спасителна служба на планина.

Додевски вели дека шетањето во планина во овие вонредни услови не е воопшто препорачливо бидејќи се помасовните прошетки предизвикуваат дополнителна опасност од ширење на вирусот, а опасност претставува и посетата на летниковците.

Граѓаните треба да ги имаат во предвид сите препораки во однос на вирусот кога ќе носат одредени одлуки. Ние не викаме луѓето да се затворат 24 часа меѓу четири ѕида, еден час дневно да се движат на отворено, но онаму каде нема голема фреквенција на луѓе, но во непосредна близина на домот, а не на планина каде има дополнителни опасности, вели Додевски.

Покрај граѓаните кои се во опасност, од Спасителната служба на планина се трудат да ги заштитат и своите волонтери. Тие во услови на оваа пандемија носат заштитна опрема, но интервенциите на планина не дозволуваат носење на скафандер или нешто слично, па се заштитуваат само со маска и ракавици. Додески вели граѓаните да го земат во предвид и фактот дека оваа служба работи на волонтерска основа, па волонтерите не се должни да интервенираат доколку сметаат дека и нивниот живот е доведен во опасност.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top