Поради ширењето на коронавирусот во Италија се зајакнува контролата на сите гранични премини и на двата аеродрома во Македонија, е еден од заклучоците на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче апелира до граѓаните, ако немаат итни потреби, да ги одложат патувањата во критичните региони во Италија.
Со бесконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат на од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид. Ова е една од одлуките на Комисијата за заразни болести, која заседаваше денес по новонастаната состојба со корона вирусот и проширувањето на вирусот во Италија.
Степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво, а Комисијата донесе и нови, зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи.
Првичните заклучоци од состанокот на Комисијата за заразни болести се дека се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродроми во земјата. На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба.Министерот за здравство Венко Филипче апелираше до граѓаните, ако немаат итни потреби, да ги одложат патувањата во критичните региони во Италија.
Предходно Министерството за надворешни работи, информира дека до овој момент нема информација за наши граѓани кои се заболени од коронавирусот.
Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот. Министерството за надворешни работи препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период. Повеќе информации можете да добиете на travel.mfa.gov.mk.
Во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23.000 државјани на Република Македонија.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град