Поемата „Таинството на богомилите“ на фонот на македонската уметност од средновековниот период, возобликува два мошне важни уметнички сегменти а тоа се словото и иконата, ќе каже за делото на Симски претседателот на стручното жири кое едногласно ја одбра победничката поема на конкурсот Григор Прличев.
Чувствувам голема радост што ја добивам наградата која го носи името на големиот Григор Прличев тука во Охрид, во градот на македонската светлина, култура, духовност, државност и просветителство, кажа лауреатот Стево Симски на Повелбата за најдобра поема за 2019 година за делото „Таинството на богомилите“.
„Со Таинството на богомилите сакам да чепнам во нешто што го позабораваме, а тоа е женската енергија. Онаа женска енергија што ранохристијанството ја прави се потврдува овде со еден прекрасен храм кој се нарекува Света мудрост, тоа е Света Софија.“ – кажа Симски.
Одлуката на стручното жири за избор на поемата на Симски за најдобра на конкурсот била едногласна. Авторот преку поемата ни открива една проблематика од доста важни сегменти од македонската историја, корените на словенската писменост и богомилското движење, истакна пред присутните на свеченоста во НУ ЦК „Григор Прличев“, претседателката на стручното жири Маја Јакимовска-Тошиќ
„ Со една лирска нагласеност во интерпретацијата во голема мера се испреплетува со судбината на повеќе добро портретирани ликови како Стефан Зограф и Антим Искушеникот, Китан Даскалот, Дамјан Билкарот низ чија што судбина се разоткрива на фонот на македонската уметност од средновековниот период, значи цело едно дејство поврзано со возобликување на два мошне важни уметнички сегменти а тоа се изобразба на словото и на иконата. “ – Маја Јакимовска-Тошиќ.
Во името на Општина Охрид честитки до лауреатот упати претседателката на Совет, Живка Ангеловска.
„Со секоја поема, секоја година творците го збогатуваат фондот на оваа литературна форма и чекорат по патот на Вториот Хомер, добитникот на Ловоровиот венец за најдобра поема на конкурсот во Атина, охриѓанецот Григор Прличев. Тој е најмаркантната личност на македонската преродба од 19от век, човекот, кој со своето дело и мотото „совршенство или смрт“ жестоко им се спротиставуваше на сите оние кои во тие бурни времиња сакаа да и наштетат на Македонија.“ – истакна Ангеловска.
Поетот, раскажувач, писател за деца, и сценарист Симски, Прличевата награда за најдобра поема ја добива по втор пат. Пред 20 години наградата ја доби за поемата „Раѓање на ангелот“ . Свеченото доделување на повелбата во рамки на годинашните „Прличеви беседи“, беше збогатено со настап на хорот при НУЦК “Григор Прличев”- Охрид со изведба на Прличевата 1762 лето и артистичка изведба на поемата „Таинството на богомилите“ од актери на Охридскиот народен театар.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град