Започна со работа затворениот зелен пазар во Охрид

Пазарџиите задоволни од условите и среќни што го избегнаа студот и снегот кој падна утрово.

 |   | 

Започнаа со работа првите тезги во новиот затворен пазар. Денеска и трговците и граѓаните пазаруваа на суво заштитени од студ и снегот кој  падна утрово. На приземјето во новиот деловен објект на површина од 1230 метри квадратни, се тргуваше скоро на половина од вкупно 190 нови тезги уредени по ХАСАП стандарди. Пазарџии кои и по 30 години се занимаваат со продажба на  земјоделски и прехрамбени производи не го криеа задоволството од условите во новиот пазар.

„Условите се идеални. Нема веќе ни дожд ни снег ниту нечистотија. 30 години сум пазарџија, дали вака ќе ги задржиме условиве и во иднина ќе видиме. Сега е убаво и културно.“

„Повеќе од 20 години држиме тезга. На првиот, стариот пазар што беше на ова место беше подобро отколку на пазарот каде што не префрлија. Е сега овде е многу добро, заштитени сме од дожд, колку ќе биде топло ќе видиме“

„Условите се феноменални. Се надеваме дека ќе има повеќе муштерии. Условите ни се добри. Да не беше пазаров сега снег ќе чистевме надвор околу тезгите“

Oбјектот ги исполнува стандардите за трговија со земјоделски и прехрамбени производи и значи подобрување на условите и за граѓаните и за компаниите од Охрид. Административно деловната зграда во која е сместен пазарот беше отворена на средината на декември минатата година. Современиот и модерен објект изграден е по пат на јавно-приватно партнерство меѓу општина Охрид и АД Илинден Струга. Проектот „тежеше“ 3,5 милиони евра.Во подземјето е сместен паркинг од 3.433 метри квадратни.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top