Отворен вториот регионален центар за аутизам во Охрид

Во општата болница во Охрид денеска беше отворен вториот регионален центар за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција наменет за ран третман на деца со аутизам и Аспергеров синдром. На настанот беа присутни министерот за зравство на Македонија Венко Филипче, неговиот бугарски колега  Кирил Ананиев, првата дама  Елизабета Георгиевска Пендаровска, претставници на дипломатскиот кор и други гости.Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“ асе реализира со поддршка на министерството за здравство и амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.

 |   | 

Во присуство на Министрите за здравство на Македонија и Бугарија, Венко Филипче и Кирил Ананиев и првата дама во нашата земја Елизабета Георгиевска Пендаровска, денеска, во Општата болница во Охрид беше пуштен во употреба регионалниот центар за третман на деца со аутизам.

„Ова е центар којшто во себе ги содржи сите делови кои се потребни во смисла на инфраструктура, опрема но и кадар поради тоа што тука работат логопеди, дефектолози и детски психијатри коишто ќе работат со децата коишто имаат вакви проблеми. Станува збор за најсовремена опрема која ги покрива сите потреби на децата за ваков третман за надминување на проблемите во однос на психолошкиот развој, социјализацијата, тактилните способности и сето тоа под контрола на врвни експерти. “ – изјави министерот Филипче.

Министерот на здравство на Бугарија, Кирил Ананиев рече дека му претставува чест и задоволство што присуствува на отворањето на центарот и ги пренесе поздравите од бугарсткиот народ и премиерот Борисов додавајќи дека соработката и поддршката на бугарската влада за вакви хумани проекти ќе продолжи.

„Денеска е празник за сите затоа што не постои похумано и поблагородно дело од тоа да им се помага на децата кои имаат потреба.  Бројот на деца со аутизам во светот расте. Потребно е заеднички во светот, Европа, во регионот да си подадеме рака за да им создадеме услови на тие деца поквалитетен живот.“ – изјави Ананаиев, Министер за здравство на Р. Бугарија.

Првата дама, Елизабета Георгиевска Пендаровска посака успешна работа на регионалниот центар.

„Навистина ова претставува преубав простот кадешто децата ќе можат да добијат третман со најсовремени методи. Верувам дека овој центар ќе придонесе за подобрување на здравствената состојба на голем број деца а и возрасни пациенти.“ – изјави Георгиевска Пендаровска.

Јавна благодарност до сите помагатели за успешната реализација на проектот изрази потпретседателот на Здружението на граѓани „ВО МОЈОТ СВЕТ“ , Весна Стојаноска.

Присуството на првата дама е многу важно во овој наш проект, да се заблагодарам на министерот Филипче кој цело време ни даваше поддршка во нашата работа, на бугарската влада и министерот Ананиев. Ќе работиме овој центар да стане регионален , да ги опфати Кичево, Ресен, Дебар, Струга, Охрид. “ – изјави  Стојаноска.

Центарот на површина од 250 метри квадратни, располага со дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба, како и други потребни услови за работа. Ова е втор регионален центар во Охрид. Претходно ваков центар беше отворен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“. Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство, кое ги отстапи просторите за користење во рамки на Општата Болница во Охрид и болницата Св. Еразмо. Реконструкцијата и опремувањето на центрите е финансирано од страна на амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top