Се раскинува договорот за продажба на земјиштето на локацијата крај Студенчишки канал меѓу општина Oхрид и Фибула травел. Вака одлучи основниот суд Охрид по тужбеното барање на општината. За оваа атрактивна локација на охридското крајбрежје каде требаше да гради два хотели од висока категорија, со години судски спорови се водат поѓу Фибула Травел и ГП Трудбеник кое на таа локација имаше времени објекти во кои беше сместена и дирекцијата на претпријатието.
Општина Охрид во првостепена постапка пред Основен суд Охрид ја доби тужбата против Фибула Травел за раскинување на договорот за продажба на земјиштето на локацијата кај каналот Студенчишта.
Имено, според објавата на судската пресуда од 29.11.2019, судот го усвоил тужбеното барање на општината, со што договорот за оттуѓување на градежно земјиште по пат на електронско наддавање од 19.08.2014год се раскинува поради неисполнување на истиот од страна на Фибула.
На оваа атрактивна локација на охридското крајбрежје, компанијата Фибула ер Травел требаше да изгради два хотели од светски бренд. На 4-ти март годинава, по 9 години судски спорови со ГП Трудбеник, започна постапката за отстранување на објектите и стварите на Трудбеник од локацијата кај каналот Студенчишта.
Извршниот директор на ГП Трудбеник, Ацо Спироски поздравувајќи ја пресудата на охридскиот суд за раскинување на купопродажниот договор, вели дека ќе продолжи со законските права да си ја добие назад локацијата.
„ Ние си преземаме дејствија, имаме силни аргументи , одиме по тие насоки, мислиме дека државата и судството ќе ги доведат во ред работите, ќе ја утврдат вистината и ќе ги најдат виновниците кои предизвикаа состојби каде што се открива институционален криминал, коруптивни односи. Јас ја поздравувам одлуката на Основен суд Охрид и мислам дека истата се темели на аргументи.“ – вели Ацо Спироски – Извршен директор на ГП Трудбеник
Правниот застапник на Фибула, Драган Коровешоски за ТВМ вели дека ќе ја обжалат одлуката на Основниот суд Охрид, па дури и дека за целиот случај околу локацијата кај Студенчишки канал ќе бараат меѓународна арбитража.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град