Над 250 тони отпадно масло од хотелите, рестораните и домаќинствата во охридско струшкиот регион наместо да завршат на депонија или во канализација, се третираат и извезуваат во странство каде се преработуваат во еко гориво. Најголем дел од отпадното масло се собира од големите потрошувачи но компанијата СУНИЛЕНС, која од 2009та година е присутна во Охрид, она што го започна како пилот проект со локалната самоуправа го продолжува како сопствена иницијатива за создавање на еколошка навика кај домаќинствата. И на сето тоа додава и хумаитарен аспект.
Над 4.000 тони отпадно масло за јадење од хотели, угостителски објекти и од домаќинствата место да заврши на депониите и во канализационата мрежа, биле преработени и извезени во странство. Од 2009 година, откога започна собирањето и преработката на отпадно масло, сертифицираната компанија СУНИЛЕНС само од Охрид собрала и преработила над 213 тони отпадно масло, вклучително со Струга 250 тони масло.
Охрид е една од првите општини каде започна собирањето на отпадно масло од угостителсте објекти кои од 2013 та година и законски се обврзани да склучат договор со фирма за третман на масло. Од 2013 год во наредните неколку години се одвиваше и пилот проект со општината за собирање масло и од домаќинствата.
„Ние работевме и со домаќинствата. Поделивме кантички од три литри за да го собираат маслото кое го генерираат во своите домови со пржење и готвење на храна. Некои прифатија и веќе работат со фирмата. Земаат празна кантичка, а даваат полна. Тој процес тече, но таа количина е помала во однос на собирањето на ваков вид на отпад од правни субјекти“, вели Хавза Реџеп Какил-раководител на сектор за животна средина општина Охрид.
Во Охрид и Струга како туристички регион најголемите количини отпадно масло доаѓаат од хотелските капацитети.
„Години веќе хотел Дрим соработува со фирма која го зема маслото кое е отпад практично во кујната и го дистрибуира понатаму. Станува збор од прилика за тон ипол масло на годишно ниво. Претходно го фрлавме бидејки немавме друга опција што да правиме со маслото. Сега барем се реши тој проблем“, изјави Ана Јанчева од Хотел Дрим – Струга.
И покрај тоа што најголем дел од собраните количини потекнуваат од големите корисници на масло за јадење, од компанијата СУНИЛЕНС се посветени на создавањето еколошка навика кај домаќинствата. Па така, она што започна како пилот проект со општина Охрид, го продолжуваат самоиницијативно преку еко-хуманитарна акција „Рециклирај и донирај“ во соработка со Здружението „Љубезност“. Андреј Ѓокиќ, одговорен за бизнис развој и управување со отпад, за ТВМ објаснува дека принципот е сличен. Компанијата доставува 3-литарски пластични канти до секое домаќинство, кое е заинтересирано да собира отпадно масло, по полнењето на кантичката нивниот логистички тим дирекно ја подига и ја заменува со нова. Како мотивација за собирачот, да продолжи да собира отпадно масло и да придонесува во заштита на животната средина, компанијата доделува сончогледово масло за јадење кое домаќинството може да го задржи за себе или да го донира во што се состои хуманитарниот аспект.
“Тоа е како некое продолжување, нова иницијатива како надградба на нешто што сме почнале со општината до 2015та год и сега продолжуваме со една нова поинтересна иницијатива која вродува со плод бидејќи доста граѓани се заинтересирани да се вклучат. Преку „Рециклирај и донирај“ од Охрид последнава година и пол се собрани околу 100 кг отпадно масло. Се поголем број граѓани од Охрид се вклучуваат и не само од Охрид туку од сите градови бидејќи нашиот логистички тим се простира насекаде низ државата.“– изјави Андреј Ѓокиќ, одговорен за бизнис развој и управување со отпад.
Заинтересираните домаќинства можат да се вклучат во „Рециклирај и донирај„ преку Еко-линијата 070 264 444, а дополнителни информации можат да најдат и на интернет страната и профилот на Суниленс на социјалната мрежа фејсбук.
Инаку, собраното масло се користи за производство на био маса, односно био гориво. Иако во земјава производството на енергија од отпад сè уште не е развоено, во развиените земји тоа е секојдневие.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град