Во Охрид ќе почнат со работа два центри за Рехабилитација, Едукација и Сензорна интеграција наменети за ран третман на деца со Аутизам АДХД и Аспергеров синдром. Носител на проектот е Здружението на граѓани „ВО МОЈОТ СВЕТ“, А опремувањето на Центрите е финансирано од страна на Амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.
Од почетокот на наредната година во Охрид ќе почнат со работа два центри за Рехабилитација, Едукација и Сензорна интеграција наменети за ран третман на деца со Аутизам АДХД и Аспергеров синдром. Едниот центар кој ќе биде сместен во просторија на педијатриското одделение во Општата болницаќе биде наменет за деца на возраст од 2 до 8 години, а другиот ќе се наоѓа во Специјална Болница за Ортопедија и Трауматологија Св. Еразмо и ќе биде наменет за повозрасни лица и тоа со различни видови на попреченост.
„ Ќе бидат ангажирани стручни лица, дипломирани дефектолози, логопеди. Иако имаме дефицит во таа област, успеавме да исконтактираме со луѓе од Охрид и Струга кои си ја знаат работата. Ние веќе добивме информации дека станува збор за квалитетни стручни лица и задоволни сме поради тоа“ – вели Весна Стојаноска Филева-потпретседател на здружение на третман на лица со Аутизам АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“
Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“, кој е непрофитабилна и хуманитарна асоцијација. Реконструкцијата и опремувањето на Центрите е финансирано од страна на Амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.
„Просториите ни ги доделува Министерството за здравство и генерално се руинирани простории кои ние со надворешни финансии и со поддршка на амбасади ги реновираме и ги опремуваме во современи центри кои што ги има низ Европа, вели Стојаноска.
Центрите ќе располагаат со дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба, канцеларија, соодветно прилагодени тоалети за вработените и корисниците и кујна. Сензорната соба располага со соодветна опрема која помага во стимулирањето на основните сетила кај детето. Центарот во болницата Св.Еразмо ќе биде отворен на 8 ноември, додека во Општата болница на 4 декември, но и двата ќе започнат да функционираат од 1ви јануари наредната година.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град