Започна првото пријавување за запишување ученици во прва година

Започна првото пријавување за запишување ученици во прва година во учебната 2019/2020 година во јунскиот уписен рок. Новите средношколци кои веќе одлучиле каде ќе го продолжат своето образование се упатија кон некое од четирите средношколски центри во градов за да ги достават своите пријави. Стручните училишта полека, ама сигурно стануваат повторно атрактивни.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во средните училишта во државава денеска и утре се спроведува првото пријавување за запишување ученици во прва година во учебната 2019/2020 година во јунскиот уписен рок. Уште од утринава новите средношколци кои веќе одлучиле каде ќе го продолжат своето образование се упатија кон некој од четирите средношколски центри во градов за да ги достават своите пријави. Во општинското средно стручно училиште „Ванчо Питошески“ уписот течеше без никакви проблеми, а учениците имаат можност да се запишат на еден од шестте профили и тоа: тригодишните за кувари и келнери и четиригодишните за хотелско туристички техничар, угостителски техничар и техничар за рурален туризам и новата насока, туристички аниматор.
Секоја година за жал се намалува бројот како во Охридскиот регион така и во другите градови на Македонија. Но се надеваме дека ќе го запишиме оптималниот број кој ни е доволен за одржување на наставата, вели директорот, на ОСУ „Ванчо Питошески“, Марјан Радески.
Ова средно стручно училиште направило голем број презентации во регионов на кои ги запознало учениците со условите кои ги нудат, па директорот смета дека тоа, а и и зголемената побарубвачка на кадари ќе придонесе за поголем интерес за запишување.
И во Општинскиот електромашински училишен центар „Св. Наум Охридски“ уписите течеа без никаков проблем. Треба да се пополнат 11 паралелки со 356 ученици од машинска струка, електротехничка, лични услуги и сообраќајна струка. Најголем интерес има за паралелките со дуално образование.
Споредено со минатата година интересот многу е зголемен и бројката што ја имаме во моментов е далеку повисока, поготово за прв ден. Лани имавме вкупно 172 ученици кои се запишаа во трите уписни рока, а сега само првиот ден имаме 157, вели дирењкторот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески.
И во Гимназијата „Св. Климент Охридски“ и во средното стручно училиште „Св.Кирил и Методиј“ за кои традиционално има огромен интерес кај полуматурантите, уписите се одвиваа без некакви проблеми.
На 19 јуни ќе бидат објавени ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места по првото пријавување. Второто пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок ќе се одржи на 24 и 25 јуни, а третото на 1 јули.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top