СТРУШКАТА ЛИТИЈА ПО ДЕСЕТТИ ПАТ

Наближува еден од најраскошните и највеличествени православни настани кај нас – СТРУШКАТА ЃУРЃОВДЕНСКА ЛИТИЈА, која традиционално, на 7-ми мај, секоја година, го привлекува вниманието на целиот православен свет.

 |   | 

Наближува еден од најраскошните и највеличествени православни настани кај нас – СТРУШКАТА ЃУРЃОВДЕНСКА ЛИТИЈА, која традиционално, на 7-ми мај, секоја година, го привлекува вниманието на целиот православен свет.

Овогодинешната 10-та СТРУШКА ЛИТИЈА се очекува да биде најмасовна досега. Ако минатата година, повеќе од 10 илјади граѓани излегоа да ги пречекаат светите мошти на св. Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона, како и чудотворната икона на Мајката Божја „Богородица Крнинска“, колкав ли ќе биде бројот на верниот народ оваа година, со оглед на тоа што оваа свеченост сѐ повеќе е препознаена како интернационален културен настан и го привлекува интересот, не само на православните верници од нашата Татковина и од соседните земји, туку воопшто, и интересот на туристите кои доаѓаат со намера да го проследат.

Во тек се последните подготовки за литијата која има огромно национално значење и е дел од културното наследство на нашата земја.

Затоа, со особена радост ве информираме дека на овогодинешната Струшка литија, чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј ќе бидат носени од двајца видни струшки граѓани, еден жител на град Скопје, и еден Охриѓанец.

А она што е новина за овогодинешната манифестација, е дека во дворот на храмот „Св. Георгиј Победоносец“, со своја културно-уметничка програма ќе настапи Ансамблот „Македонија“ – големиот чувар на македонската народна музика и фолклор, чиишто членови за прв пат ќе ги промовираат старите струшки градски носии.

Во продолжение се најчесто поставуваните прашања, а најдолу се линкови од промотивниот спот со којшто секоја година го каниме верниот народ да земе учество во литијата, како и видео материјали од последниве години, кои што најдобро сведочат за големината и величественоста на самиот настан.

-Зборот литија, во нашиот случај, значи свечена црковна процесија и е составен дел од богослужбата во Црквата. Вакви процесии, според традицијата, се практикуваат во сите првославни земји и секогаш се збогатени со светињи – мошти и чудотворни икони.

-Бигорската, односно Рајчичката обител, возглавена од Архимандритот Партениј, за првпат пред 10 години, а со благослов на надлежниот владика, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, ги донесе моштите на св. Георгиј Победоносец на традиционалната Струшка литија, со цел да ја поткрепи и збогати. Тоа предизвика голем интерес не само кај нашиот народ, туку и пошироко, кај соседните православни народи, кои бидејќи ја препознаваат нејзината величественост и убавина, како и благословот што таа го носи, редовно и во огромен број доаѓаат да земат учество во неа.

– Фрлањето на цвеќе на црковни манифестации секогаш е поврзано со големината на светињата што поминува покрај луѓето. Тоа е израз на духовна радост што меѓу нас, преку моштите и чудотворните икони, го чувствуваме присуството на самите Светии, во овој случај на св. Георгиј и Пресвета Богородица, кои го испраќаат својот голем благослов на сите учесници, на целиот наш народ.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top