Општина Струга високо котира на табелата на најзадолжени општини. Но, тоа не го спречи градоначалникот Рамиз Мерко да набави ново службено возило Ауди 6, а и да го обнови целиот возен парк со уште три возила.
Општина Струга е една од општините која е презадолжена и години наназад функционира со потешкотии. Долгот изнесува 262 203 073 ден. Владата на РМ неодамна донесе Закон за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа со кој 51% од долгот на секоја општина доспеан заклучно со септември минатата година ќе им биде покриен. Но, додека останатите општини мака мачат како да се справат со долговите и стегаат ремен, задолженоста на општина Стуга многу не го загрижува градоначалникот Рамиз Мерко. Неодамна општината купи службено возило марка Ауди за кое од буџетот издвои 66.700 евра. И покрај критиките за градоначалникот тоа не е никаков луксуз бидејќи не е лично возило кое ќе биде паркирано пред неговиот дом, туку сопственост на општината.
Не сме купиле луксузни возила. Ауди6 е 2000 кубици, воланот не е со змиска кожа како што зборуваат, шкодите се со помала зафатнина, онолку колку за да можат да ја услужат администрацијата, вели Мерко.
Општина Струга го обнови целиот возен парк. Набави и една Шкода Октавија и две возила Шкода Рапид, за што вкупно издвои 114.000 евра. Тоа се пари од граѓаните но, Мерко вели дека возилата биле неопходни бидејќи возниот парк бил стар, а возилата често им се расипувале. Тврди дека постапката е спроведена транспарентно.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град