Нови седумдесет вработувања во јавните претпријатија во градов

Нови седумдесет вработувања во јавните претпријатија во градов. Советниците од ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека нема никаква оправданост за ваквиот чекор на Локалната земајќи го во предвид фактот дека јавните претпријатија работат на работ на рентабилноста. в.д. Градоначалникот Константин Георгиески, тврди дека станува збор за веќе реализирани вработувања со договори на определено време кои ќе се трансферираат во редовен работен однос.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Новите седумдесет вработувања во јавните претпријатија во градов беа каменот на сопнување на денешната седница на совет. Советниците од ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека нема никаква оправданост за ваквиот чекор на Локалната земајќи го во предвид фактот дека јавните претпријатија работат на работ на рентабилноста. Според Кирил Пецаков, координаторот на опозиционата советничка група ова е чисто политички потег и тоа сега непосредно пред локалните избори кои треба да се одржат во април.

Тоа е еден вид на заложништво и уценување на сите оние кои ќе имаат желба да конкурираат на овој конкурс или на овие конкурси кои ќе произлезат од годишните планови за вработување бидејќи до 9ти февруари ќе бидат распишани локалните избори заедно со претседателските и со самото тоа престануваат сите активности по однос на конкурсите и луѓето ќе бидат на некој начин приморани да чекаат за да видат каква ќе биде нивната судбина. Тоа е она заложништво за кое зборувам, рече Кирил Пецаков-координаторот на советничка група на ВМРО ДПМНЕ.

Позиционерите тврдат дека во овие вработувања нема никаква политичка позадина туку реална потреба за нов кадар во претпријатијата. Освен во ЈП „Билјанини извори“ во сите останати јавни претпријатија предвидени се нови вработувања. Но, најголема прашина се крена околу вработувањата во ЈП „Охридски Комуналец“ каде се предвидени 40.

Вработувањата кои што се, се веќе реализирани вработувања со договори на определено време, но со домаќинско и одговорно работење на менаџментот се створија услови за тие работни места да се трансферираат во редовен работен однос. Значи не станува збор за никакви нови вработувања, вели Константин Георгиески- в.д. Градоначалник.

Предлог одлуките за давање согласност на одлуката за усвојување на годишниот план за вработување во петте јавни претпријатија, Охридски комуналец, Проаква, Градски пазар, Гробишта, Нискоградба беа изгласани само од страна на позицијата во советот. Опозиционерите беа против.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top