Корпите за смет беа вандализирани

Викендов несовесни граѓани дивееле и вандалски се однесувале кон урбаната опрема, превртиле, искршиле и уништиле контејнери и корпи за смет, а отпадот го расфрлале насекаде по градскиот кеј и по улицата „Македонски Просветители“.  Директорот на „Комуналец“ вели дека станува збор за организирана акција и дека настанот е пријавен во СВР Охрид  од каде се чека да се преземат соодветни мерки.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Корпите за смет кои беа вандализирани викендов се повлечени со цел ако може да се санираат. Контејнерите се вратени во првобитна положба, а отпадот е расчистен. Урбаната опрема вчераутро беше мета на несовесни граѓани кои дивееле и вандалски се однесувале во центарот на Охрид. Превртиле, искршиле и уништиле контејнери и корпи за смет, а отпадот го расфрлале насекаде по градскиот кеј и по улицата „Македонски Просветители“. И контејнерите по улиците „АСНОМ“, булевар „Туристичка“, „Егејска“ и „7-ми Ноември“ се превртени, а отпадот бил расфрлан по коловозот, тревните површини и пешачките патеки. Директорот на „Комуналец“, Љупчо Грданоски вели дека настанот е пријавен во СВР Охрид и се чека да се преземат соодветни мерки.

Со полицијата имаме коректна соработка, ние го пријавивме случајот и оставаме на нив и на нивните служби да интервенираат и се надеваме дека во најбрзо време ќе го решат овај случај, вели Грданоски.

Новите садови за ситен отпад со модерен дизајн кои беа поставени пред само неколку месеци, речиси сите се откорнати и оштетени. Направената штета е околу 100 000ден.

Овие девијантни појави во Охрид се случуваат често меѓутоа не во оваа мера. Овој пат се ова изгледаше некако организирано бидејќи истата случка беше на повеќе улици и не верувам дека ова е дело на еден или двајца. Без разлика на се упатувам апел до граѓаните да го зачуваме комуналниот ред во општина Охрид и ако не можеме да помогниме барем да не одмагаме, вели Грданоски.

Инаку од јавното претпријатие кое е задолжено за одржување на хигиената во градов велат дека се подготвени за престојните новогодишни и божиќни празници. Екипите ќе се постојано на терен и ќе се работи во три смени. Исто така подготвени се да интервенираат доколку има врнежи од снег.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top