Целото струшко крајбрежје под концесија

37 плажи на струшкото крајбрежје е планот на градоначалникот Мерко за развој на градот. Но за тоа во моментов ја нема поддршката во советот. Граѓаните стравуваат дека доколку предлог одлуката помине, не само што нема да остане ниту еден метар слободна јавна површина на струшкиот брег туку тоа ќе претставува еколошка катастрофа.

 |   | 

Струшкиот градоначалник има план околу 30тина парцели на струшкото крајбрежје да се издаваат под концесија за плажи.  Според програмата за концесионирање на плажите  предвидено е 70%  да бидат издадени по пат на директни договори со хотелите и угостителските објекти пред кои непосредно се наоѓаат плажите бидејќи тоа го дозволувал законот, а за останатите да се лицитира преку јавен повик. Ваквиот предлог се најде пред струшките советници но истиот беше повлечен. Дали Мерко ќе обезбеди мнозинство во советот за да го протурка планот е актуелна тема деновиве во Струга. Во моментов градоначалникот нема поддршка не само од опозицијата туку и од коалициониот партнер СДСМ.

„Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја подржиме таквата одлука. Имајќи ја предвид досегашната пракса на толерирање дивоградби и узурпација на плажите, може да претставува природна катастрофа и е на штета на граѓаните затоа што ќе бидат лишани од можноста да ги користат плажите да  како добро од општ интерес.“ вели Ален Деребан од ВМРО ДПМНЕ.

Доколку мнозинството во Советот ја изгласа оваа одлука, советничката група на ВМРО ДПМНЕ го повикува министерот за транспорт и врски да ја поништи целата постапка и најави нејзино оспорување пред Уставен суд. Советниците од СДСМ пак , категорични дека нема да дадат зелено светло за одлуката.

„Нема со ниту еден потег да поддржиме одлука која ќе го доведе во прашање културното и природното наследство што го има Струга како општина.“  вели Николина Велкоска од СДСМ.

Од Алијансата на Албанците се против , како што велат, темниот план на Рамиз Мерко да го узурпира целиот брег без исклучок , од влезот до излезот на Струга.

„Ако го погледнеме графичкиот приказ на оваа одлука ќе видиме дека се работи за 37 плажи, што е голема бројка, од местото Аквариус до Евро хотел.Тука ќе имаме еколошка катастрофа, ќе има повлекување на туристите бидејќи тие сакаат да гледаат приорода, убавина. Тука ќе има удар врз бизнисите и затоа ние сме против во советот“. – вели Имер Имери од Алијансата на Албанците.

Градоначалникот Мерко тврди дека доколку не се овозможи луѓето легално да работат ќе се отвораат нелегални објекти на брегот. Не гледа ништо спорно во тоа што најголем дел од плажите ќе се издаваат преку директен договор.

 „Секој има свое видување, наше е да убедиме дека издавањето на концесиите ќе оди во прилог на развој на градот.“ – изјави Мерко.

Стружани стравуваат дека доколку предлог одлуката помине, нема да остане ниту еден метар слободна јавна површина на струшкиот брег а екологистите преупредуваат дека зелените површини и деловите на трската ќе бидат претворени во приватни плажи.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top