Јубилејно, петто издание на „Вдиши театар“. Денес со преставата „Во фиока“ во изведба на актерската група на општинскиот Црвен крст, се отвара фестивалот на аматерската глума со што започнува и културното лето во Охрид.
Јубилејно, петто издание на „Вдиши театар“. Денес со преставата „Во фиока“ во изведба на актерската група на општинскиот Црвен крст, се отвара фестивалот на аматерската глума со што започнува и културното лето во Охрид. Овој фестивал од година во година станува собиралиште на се поголем број млади талентирани деца кои под палката на неколку волонтери од Црвен крст прават престави за паметење.
Целта на овој театарски фестивал е да се поттикнат младите да го искористат својот театарски потенцијал, да креираат театарска игра и да прикажат театарски престави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарските надарени волонтери во ЦК Охрид и поттик за другите да се приклучат и да негуваат вештини на актерство, рече Јованка Сион Доленц, Вдиши театар.
Актерската екипа ја сочинуваат десеттина глумци, аматери од кои дел во Вдиши театар се од самото негово формирање, а дел се нови. Но сите со подеднаква љубов и ентузијазам во изминатите два месеци напорно работеа за да се покажат во најдобро светло. Јован Цветкоски е од самите почетоци во Вдиши театар. Тој иако веќе две години е студент на сценарио им драматургија, не се откажува од учество на фестивалот и со задоволство ги прифаќа улогите кои му се доделени.
Најмногу тоа што ме привлекува и што ме држи да останам да глумам е желбата кон театарот, желбата да се покажам и докажам преку глумата. Затоа воопшто не размислувам кога ќе ми биде понудено да учествувм во некој театрски проект, туку со задоволство прифаќам, вели Јован Цветкоски-актер.
„Во фиока“ всушност преставува обработка на драмата „Чернодрински се враќа дома“ од Горан Стефаноски. Драмата е адаптирана на современите општествени случувања и секој лик е добро осмислен и вклопен во сегашноста.
Тематиката која што ја опфаќа самата претстава е доста актуелна и секојдневна бидејќи секој ден се среќаваме со некои банални случки како што се основните незнаења за историјата, нашата литература и уметност и всушност драмата е главно осврната кон вредностите кои што се изгубени, односно кои се ставени во фиока и треба нешто да се случи за да излезат на површина, вели актерот Симон Јаковлев Писин.
Драмата ќе се одигра вечерва со почеток во 21 часот во предворјето на црквата Св. Софија. Влезот е слободен. Во наредните денови на оваа сцена и во НУЦК „Григор Прличев“ љубителите на театарот ќе можат да уживаат во оригиналните и креативни театарски претстави во изведба на актерските групи од Црвен крст- Бар, Црвен крст- Суботица, Црвен крст- Крагуевац, Црвен крст- Битола, Црвен крст- Ужице и ОСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка. Преставите ќе се изведуваат до сабота кога завршува фестивалот. Инаку охридскиот Црвен крст со преставата „Во фиока„ ќе има свое гостување во Бар, Црна гора на крајот на август.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град