Елена Мошуц, светската оперска дива ќе го отвори 58то издание на Фестивалот Охридско лето. Со настапот на Мошуц продолжува традицијата најголемите светски ѕвезди да настапат на отварањето ма овој реномиран фестивал. Селекторите кажаа дека со понудената програма и ексклузивните уметници, Охрид ова лето ќе стане вистинска културна метропола.
Светската оперска дива Елена Мошуц ќе го отвори овогодинешното Охридско лето. На свеченото отварање заедно со неа ќе настапи тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија под диригентската палка на Николае Молдовеану. Со настапот на Мошуц продолжува традицијата најголемите светски ѕвезди да настапат на отварањето на овој реномиран фестивал.
Охридското лето со својата доследност и светски квалитет е вистински репрезент на обединувачката сила на културата. Ова лето ќе имаме одличен фестивал, полн со концерти и претстави, кои што очекуваме дека ќе предизвикуваат критички рефлексии и полемики, ќе отвораат нови светогледи, ќе бидат уметничка провокација и ќе носат новини и свежина во нашиот Охрид, кој е секогаш добар и достоинствен домаќин, потенцира министерот за култура, Роберт Алаѓозоски.
Направивме концепт што се надоврзува на славните традиции на најпрестижната и најголема музичко – сценска манифестација во земјава, која е членка на Европската асоцијација на фестивали и има особено значење и за политиките на Владата за отворање нови врати за соработка во културата на европско и глобално ниво, рече министерот.
Музички селектор на фестивалот Проф. М-р Васо Ристов кажа дека годинава со понудената програма и ексклузивните уметници, Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола како и досега, ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други заемји и тоа само заради овогодинешните ѕвезди и квалитетната програма.
Концептот на свеченото отворање кое со години наназад веќе се профилира како исклучителен настан со гостување на светски музички имиња и оваа година ова 58 фестивалско издание станува симбол за неповторлив настан, кој воедно станува еден од најексклузивните концерти во културните збиднувања во Р. Македонија, рече музичкиот селектор на фестивалот.
Драмскиот селектор Александар Поповски поради работни обврски денес не присуствуваше на прес конференцијата, но во краткото обраќање на видео бим кажа дека и љубителите на драмската уметност ќе има во што да уживаат. Нагласи дека по традиција фестивалот ќе биде затворен со драма овојпат „Илијада“ во изведба на словенечкиот театар.
Инаку, на Охридското лето ќе настапат над 800 врвни уметници, изведувачи и автори од повеќе земји, атрактивни и звучни имиња кои годинава ќе се запишат во елитниот уметнички свет и ќе направат уште едно успешно фестивалско издание.
Благодарение на посветеноста и залагањата на тимот на „Охридско лето“, успешно и навремено ги завршивме сите подготовки со што ќе бидеме достојни домаќини на повеќе од 800 уметници и бројни љубители на уметноста од целиот свет. За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава поттик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова светско собиралиште на врвни уметници, рече Сузана Вренцовска- директор на Фестивалот „Охридско лето“.
Директорката на фестивалот најави голем број новини што ќе ги воведат од ова фестивалско издание. Годинава на Фестивалот ќе се користат и најсовремените технолошки и ИТ-достигнувања преку преносите во живо на некои од настаните од уметничката програма.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град