Случувањата поврзани со Али Пашината џамија имаат политичка позадина, обвинуваат од Граѓанското здружение „Совест“. Бараат Градежниот инспекторат веднаш да постапи согласно законите и изграденото кај Али Пашината џамија да се прогласи за дивоградба.
Граѓанското здружение „Совест“ упорно во своето барање градежниот инспекторат да постапи согласно законите и изграденото кај Али Пашината џамија да се прогласи за дивоградба. Одржана уште една прес конференција на оваа тема на која беа истакнати нови факти дека се она што се прави на оваа локација е многу контрадикторно. Од здружението потенцираа дека имаат сознанија дека конзерваторското решение за објектот било издадено во јуни 2016 година. Според законските нормативи тоа важи доколку по истекот на две години од неговото издавање се обезбеди сета потребна документација за реализирање на градежните активности, а таква целосна документација за овој објект нема.
Од наши извори од министерството за култура дознаваме дека се врши невиден пристисок врз одредени институции и личности за да се изнајде некаков начин за легализација на она што е досега изградено. Потсетуваме дека во РМ се легализираат објекти кои започнале со градба до март 2011. Овде се работи за бесправна градба и тоа не може да се легализира, рече Томе Џамтоски од „Совест“.
Изјава на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски во Охрид, дека со проектот за реконструкција и конзервација на џамијата не било предвидено минаре, за членовите на Совест во најмала рака е збунувачка.
Основниот проект според кој се вршат „конзерваторските работи“ има минаре. Институциите како меѓусебе да си подметнуваат. Што му дале на увид на Сотировски за тој така да изјави, не ни е јасно. Но, јасно е дека има некакво подметнување, односно искривување на вистината, вели Џамтоски.
Од „Совест“ велат дека се незадоволни од инертноста на оние кои треба да испитаат што точно се случува во срцето на Охрид. Додаваат дека случувањата поврзани со Али Пашината џамија имаат политичка позадина.
Предходната власт ги постави темелите, оваа продолжува. Не можеме да гледаме како во нашиот охридски и христијански двор се става минаре. Само ние сме тие што треба да имаме разбирање и добри сме ако се прифаќаме. Охрид не може да остане нем, изјави претседателот на здружението, Михаил Трендафилов.
Од „Совест“ велат дека не се откажуваат од борбата за да се истера правдата на виделина. Тие и понатаму ќе истражуваат и ќе ја информираат јавноста околу случувањата на овој објект, а се надеваат дека конечно институциите на системот ќе си ги преземат работите во свои раце.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град