Се повеќе велосипедисти, а се помалку простор каде да се вози

Локалната сериозно размислува како да ја подобри велосипедската инфраструктура во градов. Се чека изработката на сообраќајната студија од која треба да произлезе и решението за велосипедските патеки. Младите се повеќе сакаат да возат велосипед. Денес во организација на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот се одржа манифестацијата „Детски семафор“. 

 |  Јаковлева Лионела  | 

Се повеќе велосипедисти, а се помалку простор каде да се вози. Локалната сериозно размислува како да ја подобри велосипедската инфраструктура во градов и да направи патеки по кои ќе може да се вози без притоа да се стравува дека може некој да настрада.

Сите некако сме го заговарале и како политичари и како граѓани решавањето на проблемот со велосипедските патеки во Охрид и ние како општина во овој период преминавме кон изработка на сообраќајната студија од која треба да произлезе и решението за велосипедските патеки. Тендерот е веќе при крај и наскоро ќе пристапиме кон изработување на таа сообраќајна студија, вели градоначалникот Јован Стојанопски.

Децата уште од најмала возраст се учат кои се предностите на велосипедот и како да го користат во сообраќајот. За таа цел денес, во организација на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот се одржа манифестацијата „Детски семафор“. На овој натпревар кој е веќе традиционален учество зедоа околу 50 ученици од општинските основни училишта, а гости беа учениците од училиштето „Јахја Кемал“.Организаторите и учесниците ги поздрави градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, кој што им посака успешен натпреварувачки ден, но и понатамошен успех во регионалниот и државниот натпревар. Оваа сообраќајно воспитна едукативна манифестација се организира во соработка со Републичкиот совет за безбедност сообраќајот.

Нашата цел е да го подигнуваме нивото на сообраќајна култура кај најмладите. Да изградиме код за почитување на сообраќајните правила и прописи, за одговорно учество во сообраќајот, за тежнеење кон сопствена безбедност, но и кон безбедност на останатите учесници во сообраќајот, вели Стефан Димоски- претседател на општинскиот совет за безбедност сообраќајот.

Димоски потсети дека преку општинскиот совет за безбедност во сообраќајот уште пред две години аплицирале до Локалната со проект „Велосипедска патека во секоја охридска улица“. Со проектот е запознаена и новата локална власт па се чека да се направат некакви конкретни чекори за негова реализација. Сеуште чека и проектот за изградба на велосипедска патека од Охрид до Струга кој беше промовиран уште од минатиот градоначалник Никола Бакрачески. Актуелниот градоначалник Стојаноски вели дека сериозно ќе го разгледаат и доколку има реални можности за негова реализација патеката ќе биде направена.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top