Статутот на ЈП „Градски гробишта“ не претрпе измени на денешната седница на совет. Директорот на ЈП „Градски гробишта“, Ванчо Костоски рече дека доколку не се измени статутот на претпријатието тоа многу негативно ќе се одрази врз неговото работење а 20 луѓе треба да бидат отпуштени од работа.
Не се изгласа измената на статутот на ЈП „Градски гробишта“. На денешната седница оваа точка не доби мнозинство гласови бидејќи опозицијата гласаше воздржано, а од позицијата гласаа само 11 советници.
Недостатокот на гласови беше поради отсуството од оправдани причини на двајца советници од позицијата. Оваа точка повторно ќе биде ставена на дневен ред и статутот ќе го донесеме на следната седница, вели Георгиески.
Директорот на ЈП „Градски гробишта“, Ванчо Костоски рече дека доколку не се измени статутот на претпријатието тоа многу негативно ќе се одрази врз неговото работење. Има извештај од Државниот инспекторат во кој е наведено одредени дејности како што се изградба на мостови, на тунели и други посложени зафати за кои претпријатието нема ниту опрема ниту стручен кадар да бидат отпишани, а некои дејности кои се за потребите на општината да бидат внесени во новиот статут.
Ако не се смени статутот нашето ЈП нема да може да работи за општината. Тоа директно значи дека 20 луѓе треба да си одат дома. Ако ние постапевме според решението на Државниот инспекторат ќе моравме да преземиме ригорозни мерки во однос на вработените, објаснува директорот Костоски.
Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков кажа дека тие како советничка група ја подржуваат праксата јавните претпријатија да бидат ангажирани од општината и да добиваат пари за тоа. Тој објаснува дека во овие услови тоа е и единствениот начин претпријатијата рентабилно да работат. Во конкретниов случај за промена на статутот на ЈП „Градски гробишта“ гласаа воздржано.
Ние бевме воздржани бидејќи не беа усогласени барањата на Државниот инспекторат со промената на статутот на претпријатието, а зошто мнозинството во советот не ја изгласа оваа точка тоа веројатно се должи на нивната координација, односно некоординација, вели Пецаков.
На денешната седница беше изгласана предлог програмата за измена и дополнување на програмата за работа во областа на располагање на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Охрид за 2018.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град