Градот му се оддолжува на проф. Влатко Димитров, атлетската легенда, кој преку овој спорт Охрид го запиша на листата градови со врвни резултати и бројни рекорди во атлетиката. Во негова чест, Ателтскиот Клуб Охрид и Атлетската Федерација на Македонија организираат Меморијален Атлетски Митинг.
Во чест на врвниот атлетичар и истакнат проф. Влатко Димитров, утре, 28ми април ќе се одржи првиот Меморијален Атлетски Митинг. Основната цел за организација на овој настан е да се отпочне со уште една нова традиција со која барем малку ќе му се оддолжиме на професорот Димитров за неговите дела и неговата посветеност на атлетиката, рече претседателот на охридскиот атлетски клуб Пецо Неданов.
„Нашата иницијатива наиде на големо рабирање од страна на АФМ и со нивна значајна помош решивме да ја започниме оваа традиција. Настанот ќе започне утре околу 12 часот со поздравни говори и отварање на митингот. Првата дисциплна фрлање на диск ќе започне во 12 и 30 часот, а останатите од 13 часот до 14 и 35 кога стартува и последната дисциплина 400 метри за мажи. Како меморијална дисциплина ќе биде скок во далечина во машка и женска конкуренција во која дисциплина проф. Влатко Димитров имаше најдобри достигнувања со своите атлетичари и до ден денес држи рекорди во Р.Македонија“
Сопругата на професорот, Надица Димитрова, на денешната прес конференција, со наплив на емоции искажа благодарност за организаторите на овој спортски настан.
„Благодарам за иницијативата…..бидејќи делото на Влатко ќе живее со овој меморијал, благодарарам и на сите атлетичари кои останаа во клубот и се надевам дека новиот тренер ќе продолжи по стапките на проф. Влатко“
Атлетската федерација на Македонија безрезервно ќе ги поддржува ваквите настани, посебно што проф. Влатко Димитров остави големи дела во атлетиката.
„Атлетската федерација секогаш ги става во прв план ваквите манифестации кои што играат огромна улога во атлетиката и атлетскиот клуб Охрид кој што верувам дека ќе продолжи со истото темпо кое што Влатко го остави во трајно сеќавање во атлетиката во Охрид и Македонија“.
Ќе продолжам онаму каде што застана Влатко Димитров нашата легенда, истакна новиот тренер на атлетскиот клуб Охрид, Миле Јованоски.
„Она што можам јас да ви го гарантирам е дека ќе продолжиме да работиме. Во нашиот дел, односно нашата професионална посветеност ќе се потрудиме да ја исполниме максимално, во зависност од условите…ќе се адаптираме, некогаш ако има потреба и ќе импровизираме но сепак со посветена работа и ентузијазам ќе постигнеме добри резултати“
На утрешниот митинг се очекува учество на над 120 атлетичари од земјава, како и од соседните земји, Србија, Бугарија, Албанија и Косово
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град