Еколошките вредности на Дебрца ќе бидат сместени во музеј

Еколошките вредности на Дебрца, посебно од Белчишкото блато ќе бидат сместени во музеј. За таа цел комплетно ќе биде реконструиран објектот на некогашната касарна во село Белчишта. Станува збор за прекуграничен проект кој Дебрца ќе го реализира со општина Терми од Р. Грција.

 |  Николоска Биљана  | 

Малку е направено за искористување на еколошките вредности во Дебрца. Исто така затајува и нивната промоција, пренесува првиот човек на оваа општина Зоран Ногачески. Но, градоначалникот открива дека оваа слика на почетокот на месец мај ќе се промени, односно, општина Дебрца отпочнува проект за заштита на биолошката разновидност во пограничните подрачја. Проектот ќе се реализира со Р. Грција, а носител е општина Дебрца заедно со Шумарскиот факултет и НП „Јасен“, а од грчка страна општина во близина на Солун, Терми и нивниот национален институт за биологија.

Важно е дека со тој проект се предвидени испитувања на целиот биодиверзитет на Белчишкото блато, флора, фауна и реконструкција на објектот од поранешната касарна која ќе биде претворена во своевиден музеј на блатото

Со овој проект за внесување на нови содржини во Белчишкото блато општина Дебрца ќе аплицира за искористување на европски грант преку програмата за поголема регионална конкурентност во туризмот, вели Ногачески.

Ставање на поголема пристапност до блатото, односно предвидено е тампонирање на 5 км пат околу блатото и изградба 1 км пешачка патека од дрвен материјал на брегот од блатото и неколку видиковци , за да можат туристите сите слики од флората и фауната кои ќе бидат изложени во музејот да имаат можност таа природна убавина да ја видат на лице место“

Ногачески вели дека Белчишкото блато е едно од последните најзачувани блата, кое сеуште постои во оригинална форма. Инаку за реализација на овој проект договорите веќе биле потпишани, се очекува промоција во НП „Јасен“. Проектот е вреден околу еден милион евра од кои 240 000 евра се чист бенефит за општина Дебрца.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top