Обилните дождови го претворија паркингот во близина на плажата „Куба Либре“ во вистинско езеро. Сега таму можат да се паркираат едвај десеттина коли. На овој паркинг под итно му е потребно уредување, а ако не се среди тогаш нема оправданост да се наплаќа за паркирање, категорични се граѓаните. Од ЈП „Билјанини извори“ кои стопанисуваат со паркингот велат дека паркингот ќе биде уреден и ќе биде ставен во функција.
Паркингот во близина на плажата „Куба Либре“ е вистинско езеро. Обилните дождови го наполнија овој простор со вода па сега условите се соодветни за кајчиња, а не за автомобили. Но и кога не е поплавен , овој простор според граѓаните нема минимум стандарди за јавен паркинг простор. Со овој паркинг стопанисува ЈП „Билјанини извори“, а земјиштето е делумно на АРМ, делумно на Локалната. Директорката на „Билјанини извори“, Гордана Јованоска вели дека тие не можат посовремено да го уредат овој паркинг бидејќи тој зазема и дел од Студенчишкото блато, па освен со шљунак не смеат да го покриваат ниту со асфалт ниту со бекатон плочки. Но, ветува дека сепак паркингот ќе биде уреден во рамките на дозволеното и ќе биде ставен во функција.
Оваа година малку ќе го модернизираме паркингот. Ќе го заградиме просторот, ќе поставиме дополнителен слој шљунак за да нема вода, ќе поставиме рампи, ќе го осветлиме и ќе поставиме табли со информации дека со паркингот стопанисува Локланата самоуправа и колку чини паркирањето за еден час, објаснува Јованоска.
Овој паркинг бидејќи се наоѓа во близина на бреговата линија спаѓа во зона А каде за еден час паркирање се наплаќа по 30 ден. Но, некои граѓани реагираа на тоа дека на паркингот нема никакви услови, а се наплаќа, а минатото лето имаше реакции дека на некои дури им било наплатено и по 100ден. за да го паркираат својот автомобил на овој простор. Директорката Јованоска кажува дека се работи за недоразбирање бидејќи тие како ЈП кое стопанисува со паркингот одлучиле да се плаќа паушална сума од 100 ден. Во летниот период за оние кои тука целодневно ги паркираат своите возила со цел да одат на околните плажи или пак да се забавуваат на вечер во околните угостителски објекти. Таа вели тоа е во интерес на граѓаните бидејќи ако им се наплаќа на час сумата ќе биде многу повисока. Но, за да се избегне ова лето незадоволството и недоразбирањето од „Билјанини извори“ ќе понудат алтернатива.
Ако не сакаат граѓаните ќе поставиме да се наплаќа на час. Сепак ќе ја оставиме можноста и за паушално плаќање бидејќи на некои сигурно така повеќе ќе им одговара, вели Јованоска.
Инаку и на овој паркинг се планира да се воведе системот на наплата преку СМС пораки. Тендерот за најдобар понудувач е при крај и засега се пријавени 16тина заинтересирани фирми. Ова лето ваквиот систем ќе се воведи на сите паркинзи со кои стопанисува ЈП „Билјанини извори.“
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град