НУ Фестивал „Охридско лето“ забрзано се подготвува за да понуди уште едно успешно издание. При крај е потпишувањето на уште некои договори со учесниците на фестивалот, после што и официјално ќе биде обелоденета овогодинешната програма. Нов ветар се очекува да донесат и новите селектори кои неодамна беа назначени.
Се интензивираат подготовките околу овогодинешното издание на Фестивалот „Охридско лето“. Останува да се потпишат уште неколку договори после што ќе биде обелоденета и целокупната програма во која ќе може да ужива публиката од 12 јули до 20 август. Директорката на НУ Фестивал Охридско лето, Сузана Вренцоска ветува успешно фестивалско издание и квалитетно селектирана програма.
Фестивалот „Охридско лето“ интензивно веќе подолг период работи на програмата и прибирање понуди од врвни уметници, нивна поширока селекција. Сега останува уште да се дофинализираат некои ставки од договорите и за брзо време ќе излезиме со официјалната програма за овогодинешното издание, кажува Вренцоска.
За квалитетот на фестивалот во голема мера ќе придонесат и новите селектори кои неодамна беа назначени. Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје ќе се погрижи фестивалот да биде збогатен со концерти и настапи на реномирани светски музички имиња додека пак Александар Поповски еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери е задолжен за драмскиот дел. Фестивалот „Охридско лето“ очекува од новоименуваните селектори максимално да се вложат себеси во креирање на уметничката програма на годинешното фестивалско издание.
Тоа се врвни професионалци докажани во својота работа како на домашната така и на светската сцена. Нивниот професионализам верувам дека ќе донесе огромно освежување во програмата и сметам дека ќе внесат еден нов концепт, но сепак задржувајќи го она примарно значење на фестивалот Охридско лето, вели Вренцоска.
Вренцоска кажува дека иако годинава од буџетот на Министерството за култура беа издвоени помалку средства за НУ Фестивал „Охридско лето“ тие успешно ќе ја реализираат предвидената програма. Недостатокот на пари ќе го надополнат со помош од спонзори, а и од сопствени средства кои успеале да ги заштедат минатата година.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град